Исповед 19

Празникот на змијата

Значи, беше март 1995, си седам дома и читам нешто... кога ми ѕвони телефон. Обичен телефон, тогаш уште немаше мобилни. На телефонот Ратка (Лале), и ми вика: "Слушај, за Младенци одиме во Орман, тогаш имаат некаков обред со змии" – Какви змии мори Ратке? -„Живи змии бе, прави змии" –Ајде де? –„Да, ќе земеме камера и ќе снимаме, а ти смисли некое сценарио!" Ц,ц,ц...

Денес е 22-ри март. Датум на кој во народот се слават Младенци, а во црквата 40 маченици. Деновиве, се сетив на еден 22-ри март од пред многу години... кога му ја размислив добро и избројав точно, се работи за време и настан од пред 19 години. Многу време поминало... а мене ми се чини како да беше вчера. На тој ден, 22. 3. 1995, со Ратка Илиевска - Лале отидовме во Орман да снимаме документарец за „Празникот на змијата".

Значи, беше март 1995, си седам дома и читам нешто... кога ми ѕвони телефон. Обичен телефон, тогаш уште немаше мобилни. На телефонот Ратка (Лале), и ми вика: "Слушај, за Младенци одиме во Орман, тогаш имаат некаков обред со змии" – Какви змии мори Ратке? -„Живи змии бе, прави змии" –Ајде де? –„Да, ќе земеме камера и ќе снимаме, ти смисли некое сценарио!" А Ратка ги знаеше Орман и орманчани, оти таму имаше мала викендичка. И така се договоривме.

Орман е село блиску до Скопје, доаѓа после Волково, и некаде една недела пред Младенци бевме таму, да направиме подготовки, да видиме кој што може да каже, како приказната да се направи интересна... такви работи. Времето беше убаво, 20-тина степени, сонце, орманци расположени за муабет, а и мераклии за снимање со камера... сѐ беше како што треба. Ни донесоа луѓето да видиме слики од празнувања од порано: собран народ, млади момци со змијчиња во раце и насмевки на лице... од времето кога биле змијари. Се задржал таму некој пагански обичај којзнае од кога, на пролетна рамноденица да се пуштаат змии да расипуваат магии. Во деновите пред рамноденицата, младите од селото гледале да фатат некоја змија по околните ридови (тогаш допрва затоплува и змиите не се нешто многу подвижни), за потоа да им служи на денот. И значи што е обредот? Што е „Празникот на змијата" во Орман? Еве, ова е: Луѓе што мислат дека им е направена некаква магија па од тоа си имаат мака доаѓаат на Младенци во Орман и носат нешто свое (дел од облека) или нешто од човек кој си има мака и тоа го постилаат на земи. Така, се прави нешто како патека и врз неа чорапи, ракавици, шалови, марами, блузи... а фатената змија змијарот ја пушта да прејде преку посланите облеки и џиџи-миџи за да ја расчини чинката што го мачи сопственикот. Се верувало дека со влијанието на змијата на Младенци болните може да оздрават, девојките да се омажат или ергените да се оженат, а и невестите што немаат деца може да добијат рожба... Потоа, луѓето си ги земаат парталчињата назад. Или ги закачуваа на дрво, не помнам убаво. Се смета дека овој ден е благ ден и змиите не касаат... и тоа го дознавме. А и змија никој од таму не убивал на Младенци, било греота. Откако дознавме вакви интересни работи за Денот на змијата, отидовме кај Лале во викендичето и таму се дружевме со комшијата ѝ Ванѓел, кој пред камера ни раскажа не само сѐ што знае за празникот, туку и за тоа како се женел (неколку пати ја повтори реченицата: Ванѓел се жени или канти тропаф?), за тоа колку километри мисли дека има од Земјата до Месечината, а кога скроз се запи и се расположи ни ја испеа и „Нико, Нико мори... меанџико"... и ја испеа добро.

И така, биднаа подготовките, па по една недела одиме пак Лале и јас во Орман, точно на Младенци, на 22 март. Ќе го снимаме настанот, а најдовме и оригинал камера и камерман (памтам дека се викаше Филип) од една телевизија. И сѐ убаво, ама пусто времето се смени на лошо, многу залади и беше тука некаде околу нулата и падна снег. Студ, мајката... сериозен. Кога на студот, сѐ има, и луѓе и парталчиња од маѓосани, и волја и расположение... сѐ, сѐ ама –ЗМИЈА НЕ. Змијарите таа година не беа фатиле змија на ридот (а ридот се вика Змијарник), а тој еден што викаше дека фатил и му е во подрум – испадна дека лажел! Штета. Снимивме неколку од гостите што зборува за тоа како животот им тргнал напред откако змија им ги полазила облеките лани, полани или пред неколку години... го снимивме и попот од Ѓорче што служеше дента во црквата и јасно кажа дека црквата се оградува од ова суеверие... го снимивме пак и Ванѓел што ги поздрави сите познати... и зурлаџиите малку ги снимивме пред црквата... и толку. Празникот на змијата помина без змија... што да се прави.

Нејсе, јас следната година не бев пролетта во Скопје, ама Ратка беше упорна и динамична и имаше многу енергија за вакви работи па беше отишла пак во Орман на Младенци 1996, и тогаш имало змија и доснимила што треба. Од собраниот материјал беше составен и измонтиран филмот „Празникот на Змијата", а дали и кога е некаде пуштан и дали постои негова копија некаде денес – не знам. Ако знае некој, молам да ми јави!

Дали во Орман го тераат Празникот на змијата и денес? И тоа не знам. Не сум бил таму од тогаш, не ме водел патот. Ако некој знае дали на Младенци уште шетаат змии во Орман, нека јави.

IN MEMORIAM
Ратка Илиевска – Лале (1958-2008)

 

21 март 2014 - 17:06