Тревата над Крушево уште се немаше насапунето пред доаѓањето на утринската роса, кога извикот „За Македонија браќа, јуриш!" ги разбуди сите шумски животни. Тропотот на комитските чизми и пушките кои репетираат, татнеа низ највисокиот македонски град како локомотива во железницата која под Ла Манш ги поврзува Франција и Англија. Извици на турски од вчудоневидување се слушаа повремено на различни места низ градот и околината. „Ај ќерата!", „Анасанаааа", „Уу, беља, беља каурскаааа", „Кој мене будише, деца петарди не фрлише, не е нова година кукууу". Шок и неверица кај Османлиите кои веќе петти век се во привремена мисија во Македонија. Нивната евидентна грлата зачуденост за една ваква несекојдневна активност на инаку кроткиот македонски народ ја прекинуваат истрели на успешните стрелци кои трчаат низ угорнините на градот и ги лекторираат аџамиите со јатагани на еден солидно тежок начин: со јазикот на оловното зрно.
Педа по педа, степ бај степ, локум по локум - Крушево е освоено. Развеано е знамето на слободата. Првата македонска република е на коњ, или поточно на дрво, ако земеме предвид дека оваа привремена поставка од држава сепак има корени кои датираат од непосредното минато кога други комити, војводи, попови и топови се дигнале во Разловци, Кресна и други местулиња низ нашава мила мајка татковина, се со една мисла која ја имаме и еден живот кој го живееме: Македонија слободна да е, секој да ја знае. И кој може да му го оспори правото на овој народ кој во пелените на 20-тиот век сè уште доминантниот пакет акции под присила му ги дава на располагање на потомците на Осман бег. Дојде време и час да се дигне против окупаторот глас. Сонце на слободата ги погали брадите на комитите. Мирис на свежа крв, но и на оросена трева како бел чад во Ватикан го најави новиот почеток. Гордата зора на слободата пулсираше во градите на храбрите војводи. Се чувствуваа непобедливо.
Но, само лаик, неписмен и прост би помислил дека 2-ри август, денот на Св. Илија Громовник, е случајно одбран ден за дигање на илинденското востание. Не, ќе каже Васил Иљов, познат конзерватор од Македонија: Спомените на Илинденците и воопшто македонскиот фолклор низ годините на мрачното средновековие секогаш ги осветлувала ѕвездата од Кутлеш, сонцето на македонската кралска династија на Аргеади која на патеката на великаните во Холивуд би влегла под администрација на Филип втори и Александар Трети Македонски. Второспоменатиот трети ни крив ни должен за малку и ќе влезеше да не беше неуспешен обидот на Оливер Стоун еден актер кому најдобро му лежи улогата на шкотска пијаница да го претвори во генијален војсководач од Македонија, колку и тоа остварливо да звучи.
Е, токму на тој ден второавгустовски, ќе додаде проникливиот конзерватор, во Херонеја 338-г.п.н.е. таткото и синот со колоквијално презиме „Македонски" им го нанесуваат клучниот пораз на Грците кои тогаш не се ни викаат Грци, Лефкада нема развиен туризам, на граница нема застој од неколку часа, а гиро во Полихроно воопшто не се продава (Зара и Бершка не биле ни родени). Малку биле свесни Филип и Александар дека точно 2.241 година после нивниот голем подвиг и официјалниот старт на експанзијата на македонската империја, грст комити и војводи со ист пасош како и овие славни кралеви од антиката, насобрани околу едно мало селце во близина на Прилеп ќе се трудат од петни жили од градот да избркаат неколку стотици Турци.
Современата македонска држава е тесно врзана со овие два голготни втори августи за храбрите наши претци: 41 (или 42 според некои маркетинг агенции) година после вториот Илинден имаме и трет. Само неук и неписмен човек може да помисли дека случајно партизаните и Президиумот на АСНОМ го закажале собирот во манастирот Св. Прохор Пчињски на кој ќе се конституира современата Македонска држава на бош ден, од ѓутуре. „Кога треба да добиеш мила?" „На први, злато" „Епа штом така, јас на втори одам во манастир. Ќе направам држава, да ги одвратам мислите од тебе". Ваков разговор сигурно не водел Методија Андонов-Ченто со својата сакана. Не, тој ѝ зборувал дека светската војна ближи до крајот и дека конечно се наѕира ново сонце на слободата за Македонците, после кутлешовото на Александар и црешовото на Карев. На овој велик ден уште една генерација на Македонци се бореше за своето. А знаеме дека секоја генерација си има своја борба.
Па да направиме мало сиже: Херонејскиот Илинден 338 пне. Крушевскиот Илинден 1903. Асномскиот Илинден 1944. Низата не застанува тука, бидејќи борбата за слобода не застанува исто така. Годинава храбро го преживеавме „Бристолскиот Илинден“.
Неколку часа после крајот на вториот ден на август и најпрецизно 69 години после АСНОМ, 110 после Илинден и 2351 година после Херонеја, оваа генерација на Македонци се соочи со веројатно најтешкиот од сите предизвици досега. Ако на Питу и Карев им беше лесно да се борат против Турците, ако Александар и Филип немаа гајле да влезат во ринг со Грците, ако Ченто и соборците со задоволство прогласија победа над германските фашисти, новата генерација во фамилијарното дрво на славните херои од историјата има реален проблем: нема против кого да се бори и да ја оживее македонската слава.
Турците од Крушево се преселија низ цела држава и денес имаат аеродроми, облакодери, а најавија дека ќе изградат и градови. Грците после Херонеја се одлучија да работат на купување во Македонија: рафинерија, трговски центри, некогаш и мобилен оператор. Германците за малку ќе имаа Ауди, па сега остануваат само со фиксен, мобилен и интернет оператор. Против кого бој да биеш кога сите со бомбоњера ти дошле на визита? Да, ќе јадат и пијат од ордеверите на маса, но атер си е атер.
Само лаик, неписмен и прост би помислил дека има подобар ден за одлучна акција, можеби најсериозната за модерната македонска држава од третиот августовски ден, неколку часа после великиот Илинден. Храбрите специјални сили на македонската полиција недолго после појавата на утринската роса во центарот на Скопје ги спуштија штитниците на своите шлемови, се наредија во кордон и замаршираа кон договореното место за почеток на решителните маневри за конечно справување со османлиите, грците и фашистите на нашето време. Таму ги чекаше механизацијата за поддршка и изведба на диверзантската акција: неколку багери и недорасонети дрвосечачи со секири и моторни пили во рацете. Командантот на акцијата ги реди во колона своите храбри бранители на редот и мирот и уставниот поредок во РМ и им држи говор во кој ги потсетува на нивните заклетви, на важноста од слободата, но и на Александар, Карев, Ченто. Им повторува колку е горд на нив и со мал трепер во гласот им вели дека доколку ова е последната акција во која учествуваат заедно, му било чест што е дел од една толку јака единица. Сентименталноста ја снемува за миг и на негов знак тргнуваат багерите. Веднаш зад нив како транспортери во пустина во Либија, обвиени со мистичен вел на прашина околу аурата која им ја создаваат светилките на нивните шлемови, правејќи ВРРРРМ ВРРРРРРМ се движат дрвосечачите со моторни пили, чекор пред оние со секири. Насекаде околу нив се распоредени 18-те специјалци. Со спремните пушкомитралези со ласери, облечени во најжестоки панцири кои можат да издржат и 15 пцовки, допири со рака и неколку удари со капак од тенџере или влечки за на плажа, дрско храбро тргнаа во одбрана на она што е свето: директор на пивара и правниот поредок во државата.
„Друже Саво, Бристол мора пасти", „Неќу дрво, сакам барок, ле-але", „Барок ми бејбе, није важно куда" и други слободарски рефрени оддекнуваат во главите на сите кои во тој момент тргнуваат наспроти хотел Бристол. Да, токму таму една опасна формација од дури неколку луѓе во шатор одлучно го брани местото на кое според најновите промени на деталниот урбанистички план е предвидено дигање на објект. „Не, тоа не се станарите од околните згради на кои новиот објект ќе им влезе во дневна и спална соба, туку се некои шпиуни од странските служби кои говорат на чуден пивофестовски дијалект", ќе заклучат случајни минувачи и експерти за јазици и начини на нивна употреба. Шаторџиите се фатени на спиење како Турци во Крушево. Со одлучен филиповски маневар тројца дрвосечи и еден багер влегуваат од левата страна на парцелата која овие квази-хипици наводно ја бранат, додека вториот багер и уште четири дрвосечачи (тројца секираџии) глумат незаинтересираност (се прават на тошо, шо би се рекло). Непроѕеваните непријатели на правото во Македонија под шаторот на странските служби (купен е во Германија) се поведуваат од движењето на првата група бранители на правото кое го има секој објект во Македонија, а тоа е да е барокен, и влегуваат во давидовска битка со нив. Тогаш биваат нападнати од навидум незаинтересираните правдољуби дрвосечи и се раштркани на теренот кој го бранат, сите 11 души.
Празнината ја користи четата со специјалци која прави жив ѕид меѓу поведените протестанти и локацијата на која сега има два багера, четири моторни пили и неколку непријателски дрва кои мора да бидат исечени за да може на тоа место да започне ископот за изградба на објект – Совет за радиодифузија. Ситуацијата станува тензична: избрканите протестанти со крајно енергичен контра напад во еден жолчен обид да си вратат дел од загубената територија добри два часа вербално ги сатанизираа бранителите на поредокот прашувајќи ги „каде ќе ви оди душата" и „зарем не ви е срам", повремено гледајќи ги со урокливи очи. Штитовите со кои беа опремени специјалните полицајци успеаа да ги издржат сите бранови на отворени покани за секс упатени до нивните тетки и вујни. Неколку часови подоцна, Крушевската република и формално беше возобновена. Паднаа трите дрва, трите столбови на кои се држеше неуставното граѓанство кое и мисли лошо на оваа земја. Иако засадени во време кога Советот за радиодифузија не беше ниту формиран, дрвата станаа пречка за пласманот на македонскиот ајвар на европскиот пазар, македонската фудбалска репрезентација на шампионатот во Бразил и мисицата во осмина финале на изборот на мис универзум.
Дел од протестантите се разотидоа, а оние најемотивните запалија по едно цигаре за душа на спомените за едно од последните паркчиња во центарот на градот. На славеничката страна, багеристите отворија по лименка пиво, дрвосечите се изгушкаа меѓу себе за успешно завршената работа, а братски рака си стиснаа, стегајќи ги забите за да не заплачат, припадниците на специјалните единици. Сè помина без човечки жртви. Слободата беше освоена храбро и со нула загуби. Во воздухот можеа да помирисаат дека конечно во Македонија ќе може слободно да се живее. И малку бензин од моторните пили. Слободата како да беше слатка торта, а тие сакаа да исечат по едно парче од неа и да им поделат на сите луѓе во светот.
Беа среќни дека токму тие храбро одговорија на светиот повик: дојде време и час да се дигне против окупаторот глас. Сонце на слободата ги погали голобрадите лица на чуварите на правниот поредок и бранителите на системот. Мирис на свежо изделкани дрва, но и на искосена трева како бел чад во Ватикан го најави новиот почеток. Гордата зора на слободата пулсираше во градите на храбрите дрвосечачи и специјалните сили. Се чувствуваа непобедливо.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT