На Елена ѝ ветив дека веќе нема да и посветувам текстови од кои течат солзи, ама, зла ли судбина е во прашање или само кармички тек на настаните, дојде редот пак да се нижат тешки зборови.
Елено сестро прости ми што пак те спомнувам, но...
Јас не сум виновна што поминаа шест месеци откако твоето име се провеја на Офф нет, и што и денес ќе пишувам за твоите борби, чинам веќе илјада пати повторени во обид на светот да му докажеш дека ти си посилна и од судбината кога е во прашање пород од утроба изваден.
Ниту шест месеци не минаа, и пак се отвори ново и тешко поглавје кога на 9 октомври минатата година, Елена ни породи две девојчиња.
Знајеќи дека се родени во осмиот месец, се плашевме како за новородени да се радуваме. Секој ден, неизвесност. Секој ден, нит радост нит тага и почнаа да стигаат првите лоши вести од ГАК. Не ги бива, не се добри, не бе добри се ама предвреме се родени, и така како се е добро и двете цурици се најдоа во светот на инкубаторот, со вештачки кислород и надеж дека ќе продишат сами тие мали и недоразвиени бели дробови.
Бебињата кат подоле, во болничка соба со илјада туби меѓу нозете, се нижеа деновите на Елена во големи болки од трипати сечени мускули и искинати мочни меури, ама нели, да се биде мајка е тешко и болно, па ја крепевме сите прашувајќи повеќе за бебињата отколку за неа.
Девојчињата едно дождливо утро дознавме дека некоја инфекција фатиле. Ништо повеќе не кажуваат докторите, нит мајка и татко знаеја што им е, со кобен повик дека поголемата и посилната починала. Нема за таквите мали човечиња погребни обреди, нема ништо, молчи цела фамилија и чека барем таа што ја крстевме Миа да се спаси од некои си инфекции што само Господ мил знае зошто ги донесе после оној пекол кој Елена сама го изоде.
Миа има срцева маана, ми кажа Елена еден ден. Некоја дупка во срцето од која се меша чиста и нечиста крв. Тежи едвај 1100 грама. Нема операција додека детето нè натежне. Елена со бебето отиде дома после многу денови борба со безимени инфекции.
Миа е дома, се радувавме, но не за долго. Настина бебето. Назад на клиника.
Месец и половина, бебето е на антибиотици. Морало така да биде, велеа докторите. Килажа едвај 2700 грама за шест месеци. Миа се бори машки да издржи. Нема предавање. Гените на мајка ѝ проработеа со самото раѓање. Секој ден - борба, секое утро, нова надеж да издржи тоа срце што едвај чука, чекајќи раце докторски да направат операција небаре Миа има доволно изживеано, па да мора све да издржи.
Миа се бори. И се бори, и се бори, и на интензивна сите дознаа дека тоа срце мало, херојски се крепи да дочека операција.
Минуваа денови...
Миа минатата недела ја однесоа за Бугарија. Таму докторот кажал дека се нафаќа да го закрпи дупчето кое не дозволува Миа да расне и да се развива. Додека јас пишувам, мајка ѝ е таму со неа. Заедно чекаат понеделнички да каже детскиот кардиолог кога ќе биде оперирано детето.
А Елена?
Таа само на добро се надева. И добро ќе биде. Мора да биде. Тоа што Елена е едвај жива, веќе одамна не е битно. Миа едноставно мора да биде добра.
Но, за да биде добро, јас одовде си ветив дека ќе и помогнам да собереме пари, за да Елена и Миа можат да се изборат докрај со тие маани што ни име не им знам, а и страв ми е да прашувам како медицински се викаат.
Ете, тоа се тие човечки и мајчински тешки судбини. Тоа се тие денови кога чекаме мобилните оператори да се смилуваат и да се пуштат броеви за донација. Друго чаре, мојата храбра братучетка нема.
И, не... не недостасуваат милион евра.
Недостасуваат некои илјада евра, Елена да го покрие нејзиниот престој во болница затоа што Миа мора да живее.
Мора да живее, и за себе, и за сега веќе починатата сестричка, и за двете братчиња кои ја чекаат дома, и за мама, и за тато, и за инат на судбината која замалку ќе ја одвлечкаше во темни и црни ходници.
Пари пусти, отепувачка. Ама ти не се давај, Миа. Расни бре дете наше. Порасни.
Дочекај ја операцијата насмеана иако едвај тежиш ниту три кила.
А ти Елено... ти мајкиште едно неустрашиво.
Прогласи се за светица, стави си круна, самопрогласи се за мајка херој која одамна дише, и за оние кои ги роди а кои не останаа меѓу живите, и за оние кои сега му се радуваат на животот гушнати до тебе.
Миа ќе преживее.
Сандра
П.С
Ако сакате да помогнете, пишете ми...