Се гледа крајот на годинава.
Се гледа по почетокот на последниот нејзин месец.
Се гледа и недогледот на бегалската криза.
Се гледаат бегалци кои бегаат од војна, а кои прават мини војна кога ќе заглават на некоја граница.
Се гледа и стравот од прагот на, не дај Боже, Светска војна.
Се гледа и стравот од немирите и тероризмот дури и онаму каде што не му е местото, на спортските и културни собиралишта.
Се гледаат и деца кои ги изгубиле животите во сините медитерански води или на песочните европски брегови во обидот да го поминат животот во земја која не војува.
Се гледа и претпазливоста на граничните премини каде што ми рекоа: гледам дека сте свештеник, сепак простете за задржувањето, но денес се тресеме од секоја брада.
Се гледа наголемо ксенофобијата на европјаните.
Се гледа будењето на националистичките движења насекаде.
Се гледаат запалени бегалски кампови.
Се гледаат загрижени европолитички фаци во дебатни емиси исправени пред вечната дилема змија или магаре.
Се гледаат украсени европски градови за Божиќ, но се гледа и дека ќе биде ова тажен Божиќ.
Се гледа на Божиќ како семеен празник во кој семејството се собира во својот дом, но се гледаат и семејства кои Рождеството Христово ќе го прослават далеку од својот дом во некој камп на некоја граница.
Се гледаат и нови и нови километри бодликави жици низ обединатата и без граници нова Европа.
Се гледа насекаде и новиот Берлин, односно се гледаат се повеќе Берлински ѕидови.
Се гледаат соборени авиони.
Се гледаат запалени и разурнати градови од бомбардирања.
Се гледаат сменети профилни слики на ФБ.
Се гледаат и реакции дека тоа било лицемерно, бидејќи непропорционално се менуваат знамињата на ФБ во зависност од тоа кој масакар е најброен во одреден момент.
Се гледа дека не сме подеднакво информирани и заинтересирани за информација за терор во Европа и во Африка.
Се гледа дека колку е поблиску до нас, толку ни е поголем интересот и сочувството и осудата.
Се гледа дека ќе се префрлам на македонски теми.
Се гледа дека не се гледа радост во очите на луѓето, што од страв, што од немаштија.
Се гледа дека се нема политичка волја за надминување на проблеми, туку дека се има желба само за зачувување, односно преземање на власта.
Се гледа дека се нема пари, ами се има потреба од нови кредити.
Се гледа дека ќе има нови задолжувања ама и пензии.
Се гледа дека ќе има пензии ама и сигурни гласови во април.
Се гледа и Скопје 2014 дека ќе стане и Скопје 2016, 2017...
Се гледа дека чекаме на Кејт за да заземеме страна на избори.
Се гледа неодлучноста да навиваме за Турција со која 500 години бевме едно, или за Русија со која сме биле само од '41 додека Тито не им кажа НЕ во '48.
Се гледа дека не ја сакаме толку Русија колку што не ја сакаме Америка.
Се гледа дека некој упорно ја паѓа цената на јаболкото.
Се гледа дека без продадено јаболко нема весел муабет во Преспа.
Се гледа дека го губам оптимизмот за поубав свет.
Се гледа дека убавината на светот не зависи само од мојата добра волја.
Се гледа дека набројувам многу зла.
Се гледа дека барам нешто позитивно за што со радост ќе напишам колумна.
Се гледа дека не наоѓам.
Се гледа дека барајќи инспирација за оваа колумна, сама од себе се напиша.
Се гледа дека непотребно ве замарам.
Се гледа дека сакам да видам дали ќе ви се допадне.
Отец Пимен
П. С. Се гледаме на 17-ти декември во МКЦ на промоција.