Коментар 1

Од друга страна...

Што се крена толкава џева околу оној бизарен закон? Секој си е господар на своето тело, ама абортусот, освен ако не се работи за психопати, е крајно непријатна, крајно мачна и болна работа... и остава длабоки лузни на душата. И кај таа што абортира, и кај тој од кого абортира.

Колку за информација, освен такви што сакаат да абортираат, во МК има и голем број такви што сè би дале да зачнат... ама не можат. Па се злопатат по клиники, бараат чаре сосе мажите, одат на третмани, се лекуваат... оти може некогаш и тие биле за абортус и за промискуитет, и за секаква „слобода“, ама ако од тоа им се оштетила утробата и дошле на друг ум... сега ни на крај памет не им е да ги држат старите ставови.

Тие не се луѓе? Што е со нивната вистина? Малку жени знаете што се омажиле околу или над триесеттата, па сакале дете со сопругот... па не им одело? Па им откриле ова и она; кај неа, кај него или кај обајцата?  Колку бездетни двојки денеска чекаат по белите и помалку белите болнички ходници очекувајќи добра вест дека за нив има надеж? Кај среќните двојки, најчесто по долго и скапо лекување... и најчесто по вештачко оплодување – се постигнува целта и добиваат дете – или близнаци. Или не знаете дека големиот број парови што добиваат близнаци последнава деценија претходно биле на лекување за неплодност? 

Не е само СИДА-та пренослива болест преку онаа работа... туку има и еден куп други болештини, бактерии и вируси, а има и ХПВ, и од тоа пострадаа доста жени... и парови впрочем... па не само привремена неплодност... туку им се развија и разни тешки оштетувања и ракови... и после - ШТО? Да се каат жените цел живот што некогаш абортирале, а сега веќе и да сакаат – не можат да станат мајки?! Да го мразат мажот што им го пренел ХПВ-то до крајот на животот и да удираат со глава в ѕид? Да се чудат од кого ги снашло тоа нешто, па да се сомневаат во сите со кои спиеле во деновите на „слободата", пред мажачката?

Што се крена толкава џева околу оној бизарен закон? Секој си е господар на своето тело, ама абортусот, освен ако не се работи за психопати, е крајно непријатна, крајно мачна и болна работа... и остава длабоки лузни на душата. И кај таа што абортира, и кај тој од кого абортира. Да повторам, освен ако не се работи за психопати. Ако испадне дека има многу такви за кои тоа е „нормално" и „природно", тоа пак не значи дека се нормални. Абортусот не е ставање порцеланска навлака на заб. Ниту одење на масажа. Сериозна работа е, и сериозно треба да се промисли пред жена или девојка, сама или заедно со мажот или дечкото, да се решат на такво нешто. Оти може да има тешки последици, и душевни и телесни. И најчесто ги има. 

Друга работа е што вакви работи не се регулираат со закон. Едно се законите на секуларната држава, а сосема друго личната етика на единката. Најарно е, ниедна жена никогаш да не отиде на абортус. А, ако се решава на такво нешто, тоа е на нејзината совест. И на тој нејзиниот. Тие треба после да живеат со тоа.  Не е работа на законодавството. А ако некоја се решава за такво нешто многу пати годишно – мислам дека нешто ѝ фали. Или тоа го прави намерно и од некаков инает. Или душата ѝ отврднала на абортуси па ѝ станале секојдневие. Има такви? Право да ви кажам, не само што не познавам лично, туку не сум ни чул дека има. Во таа смисла овој дел од законов е идиотски, оти сметам дека се однесува на безначаен број жени што би дошле во таква ситуација. .. А тука се крена вревата. Сериозно. Ама и да е така, дури и да има такви, пак тоа си е нивна работа. Ако некој не го сфаќа човечкиот живот како највисока вредност, и ако продолжувањето на „личната самоактуелизација"  му е приоритет, а децата му се проблем - тука државата нема што да се меша. Оти секој човек по овие прашања си е држава за себе. 

 

п.с. "Сè ми е дозволено, ама не е сè полезно" (Павле од Тарс, 1 Кор. 6:12). 

п.с. 2. Има жени кои биле на тешки искушенија и имале  намера да абортираат, но потоа се премислиле и сепак родиле. Прашајте ги,  дали некогаш се покајале за тоа? Верувам - ниту една! 

 

30 мај 2013 - 20:00