Ангели и демони

Мајка Тереза: Голем споменик или големи дела?

Многу посреќен би бил кога наместо споменик на Мајка Тереза, сестрите на милосрдието и болните кои ги лечеле имаме празна ледина со една мала табла на неа на која ќе пишува: „Овде требаше да има споменик на Мајка Тереза кој чини 8 милиони евра. На место тоа, одлучивме парите да ги вложиме во изградба на центри за лекување на најсиромашните во кои сите почитувачи на нејзината мисија, сите хумани луѓе, доаѓаат и се борат за животите на оние меѓу нас на кои човечката добрина им е повеќе од потребна".

На 10-ти септември 1946-та година Сестра Тереза со родено име Агнес Гонџа Бојаџиу патувала со воз од Калкута за Дарџелинг на нејзиното Годишно Повлекување (осамување, живеење во изолација) вообичаено за католичките монаси. Ден како и секој, за сите од нас кои не одиме во осама во името на Бога. Ден различен за сите претходни повлекувања во самотија за 36-годишната Сестра Тереза, која самата сведочи дека токму на тој пат кон Дарџелинг го почувствувала „повикот над повиците", оној што ќе ја дооформи како личност одлучувајќи токму на тој пат дека треба да го напушти манастирот во кој служи и „да им помага на сиромашните, живеејќи меѓу сиромашните", како што ќе каже жената родена во центарот на Скопје.

Недалеку од местото на кое се наоѓала нејзината куќа 69 години после нејзиното патување во воз од Калкута за Дарџелинг на кое Сестра Тереза станува нобеловката Мајка Тереза на која сме особено горди, државата Македонија одлучува да гради голем споменик со фонтана кој ќе чини „меѓу шест и осум милиони евра", како што обично чини се кај нас. Некако - меѓу. И животот овде има цена која не е дефинирана, туку е измеѓу. Меѓу 60 и 90 години, во зависност од „среќата".

Некако ненандејно ја дознав последната важна информација во врска со проектот СК2014 составен од десетици објекти и неколку пати повеќе скулптури-споменици кој најавено треба да финишира токму со спомен-одбележјето на скромната скопјанка - споменикот на Мајка Тереза кој го најави славниот инвеститор и градител на спектакли Субрата Рој нема да ја доживее судбината на неговиот непишан нарачател и мецена. Иако таткото на двајца Македонци - Семанто и Сушанто Рој, синовите на милијардерот на кои им издадовме и пасоши - моментално е малку во затвор, споменикот на Мајка Тереза ќе биде изграден „на барање на публиката", а ќе го финансира Министерството за Култура на Република Македонија.

Културна работа. Го продолжуваме благородниот потег на субратот Рој, човекот кој само моментално не може да биде меѓу нас, џанам ја препознавме топлината на неговиот срдечен гест со кој одлучи на Македонија да ѝ подари уште еден паметник на големата скопјанка Гонџа Бојаџиу алијас Мајка Тереза, после веселата спомен куќа во Скопје на големиот неимар Вангел Божиновски, направена во „Пица од куќата" стил - кога не знаеш што да ставиш, стави ги сите состојки - или во случајов архитектонски елементи на кои си се сетил (кој ја видел куќата, знае за што зборувам). Имаме и автопат „Мајка Тереза" меѓу Скопје и Гостивар кој на моменти и потсетува на патиштата во Индија по кои зачекорила на својата мисија Мајка Тереза, основач на денес светски познатата организација „Мисионерите на Милосрдието", во Калкута во 1950-тата година.

Во начелата на „Мисионерите на Милосрдието" (некаде и „Сестрите на Милосрдието /Љубовта") стои дека членовите на оваа организација која на скопјанката со која се гордееме, ја славиме и ѝ градиме монументи ѝ донесе Нобелова Награда, се заветуваат на „девственост, сиромаштија (најскромно живеење), послушност и сесрдна и бесплатна помош за најсиромашните меѓу сиромашните".

Кога големиот мецена од Индија одлучи на Македонија да ѝ поклони вечно одбележје на скромната планетарно позната мисија на Мајка Тереза, немав премногу амандмани, освен естетските бидејќи парите кои требаше да бидат вложени во изградбата на споменикот човекот реши да ги дава од свој џеб. А секој со своите пари треба да располага онака како што одлучил - и му дозволиле. Македонија му дозволила земјиште и естетска слобода (кхм, кхм), тој ќе плати за се останато. Пеки.

Не е дека мистер Рој не знае како реално се слави споменот на Мајка Тереза, помагајќи на терен: неговата Сахара Груп во 2013-та година за потребите на жителите од Утакаранд регионот на Индија кои се соочиле со сериозни проблеми поради обилните поплави им поделила пакети со храна, вода, сокови, свеќи и кибрити, најавувајќи и изградба на 10.000 префабрикувани куќи во периодот на закрепнување после поплавите. Но во Македонија неговите хуманитарни памфлети содржеа помалку искреност кон идејата на хуманитаризмот на Мајка Тереза, а повеќе желба за градење на однос кон македонската публика која се жари и пали на визуелната експресија - читај: таџ-махалите кои се градат наоколу и треба да се најдиректни материјални сведоци за чувството кон нивниот нарачател кое нарачателот сака да го имаат оние кои ги гледаат секојдневно.

Сега, ситуацијата малку е променета. Братот Субрата, човекот кој најави монумент на Мајка Тереза е во затвор, па ние другарски и домаќински ускочивме да му ја покриеме целата најавена инвестиција за споменикот (со фонтана) на Мајка Тереза и „Сестрите на Милосрдието" преку Министерството за Култура, што значи дека мои и твои денарчиња ќе одат во изградбата на последниот монумент од славниот СК2014 проект, овојпат посветен на хуманитарката која цел свој живот се грижела за најбедните од најбедните, живеејќи меѓу нив.

И, како ние ќе го славиме животот и делото на малата Агнес Гонџа Бојаџиу родена во центарот на Скопје на 26-ти август 1910-та година, замонашена на 18 години и замината за Индија во 29-тата година со мисија да им помага на најсиромашните, живеејќи скромно и испоснички? Со изградба на композиција, споменик со фонтана која ќе изгледа вака:

„...од распишаниот оглас можеше да се заклучи дека композицијата ќе ја сочинуваат фигури на Мајка Тереза со болно дете и родители, фигури на чесна сестра со инвалид, чесна сестра со болен што седи, чесна сестра со болен што лежи и чесна сестра со болен што седи на карпа. Фонтаната ќе ја красат неколку помали во различни положби и еден централен ангел. Ќе има и декоративни елементи во вид на пехар. При изработка на спомен-обележјето ќе се користи бронза, мермер, инокс и други материјали..."

Добро е кога луѓето визуелно „ги напаѓаш" со хуманитарниот дух, без оглед на причините за „нападот": дел од нив сигурно ќе се инспирираат и ќе се запрашаат што тие можат да направат за да го подобрат животот на другите преку личен пример, работејќи несебично за помош на оние на кои помошта им е најмногу потребна, а изгледите за нејзино доаѓање се многу помали од веројатноста Македонија да се откаже од градењето на овој споменик и средствата да ги пренамени во директна помош.

Добро е кога го славиш животот и делото на некој кој преку личен пример, преку живеење меѓу најсиромашните им помага на најсиромашните и од слаби ги прави јаки давајќи им ја надежта на вечната порака на хуманизмот. На планетарната идеја дека сите сме тука еден за друг и дека со мал напор и многу љубов можеме да изградиме поубав свет.

Најдобро е кога ти си личниот пример и наместо да правиш скап монумент на голема хуманитарка потсетувајќи ги луѓето на нечија хуманитарност, самиот си хуманитарецот кој сакаш да го славиш и на кој му се восхитуваш. Најдобро е кога наместо споменик на болно дете и родители, чесна сестра со инвалид, чесна сестра со болен што седи, чесна сестра со болен што лежи и чесна сестра со болен што седи на карпа, го намалиш бројот на болни деца, инвалиди, болни што седат и лежат гледајќи во споменикот кој доколку го немало, можеби немало да бидат болни, седнати и легнати надевајќи се дека еден ден ќе се роди дете, како она што се родило недалеку од споменикот кој ќе го градиме, кое ќе живее меѓу нив и ќе им помага со љубов и милосрдие.

Многу посреќен би бил кога наместо споменик на Мајка Тереза, сестрите на милосрдието и болните кои ги лечеле имаме празна ледина со една мала табла на неа на која ќе пишува: „Овде требаше да има споменик на Мајка Тереза кој чини 8 милиони евра. На место тоа, одлучивме парите да ги вложиме во изградба на центри за лекување на најсиромашните во кои сите почитувачи на нејзината мисија, сите хумани луѓе, доаѓаат и се борат за животите на оние меѓу нас на кои човечката добрина им е повеќе од потребна".

На 10-ти септември 1946-та година монахињата Сестра Тереза со родено име Агнес Гонџа Бојаџиу родена во центарот на Скопје патувала со воз од Калкута за Дарџелинг на нејзиното Годишно Повлекување, вообичаено за католичките монаси. Ден различен за сите претходни повлекувања во самотија за 36-годишната Сестра Тереза, која самата сведочи дека токму на тој пат кон Дарџелинг го почувствувала „повикот над повиците", оној што ќе ја дооформи како личност одлучувајќи токму на тој пат дека треба да го напушти манастирот во кој служи и „да им помага на сиромашните, живеејќи меѓу сиромашните".

Ден за кој самата Мајка Тереза рекла: „Тогаш почувствував дека добив наредба (од Севишниот, н.з.). Ако не успеев во мисијата, ќе ја изневерев вербата". Во тој момент, како што ќе забележи еден автор, Сестра Тереза станува Мајка Тереза, големата хуманитарка на која сакаме да и градиме грандиозен споменик за нејзиното грандиозно дело. Ден во кој Мајка Тереза станува голем човек.

А на големите луѓе им се доволни мали споменици. И големи дела.

Милосрдно ваш,
Бетмен 

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT

1 август 2015 - 19:51