Мешана Божиќна приказна

Кога си мешан, мешан си на сите начини. Збориш два јазици, славиш различни слави, познаваш повеќе начини да го зготвиш истото јадење, а на крајот единствените празници што ги славиш без разлика од чија си, се оние кои се празници во местото во кое живееш.

Првата голема одлука бев принудена да ја донесам во '92 кога на попис ме прашаа од која националност сум. Како уплашен зајак, ги гледам мајка ми и татко ми и додека тие ме ставаат на тест и ме оставаат да одлучам сама за себе, јас се чувствувам како да ме прашале: "Кого сакаш повеќе, мама или тато?" Збунето, несакајќи да бидам на ничија страна, посебно зашто на 6 години немам никаков национален идентитет одговарам: "Мешана". Тогаш не знаев дека ова "мешана" веќе го означи мојот пат.

Што земаме од каде? На Бадник, не одиме на меса. Ако ни се јаде риба, јадеме риба. Ако не ни се јаде риба, јадеме што ни се пријало. Немаме никакви религиозни навики во текот на годината, па не разбирам зашто мора да јадеме риба баш на дваесчетврти ако не ни е до тоа.

По италијански, го негуваме конзумистичкиот дел од прославта, кој го прескокнуваме за Нова Година. Поклоните стојат под елка (се согласуваме) и ги отвараме на Божиќ, рано наутро. За да не ги мешам работите, се придржувам за класичниот болоњски ручек. Тортелини во супа и варено месо со зелен сос. Како десерт се јаде чертозино, убиј стомак, убиј заби: чоколадо, каранфилче, зашеќерно суво овошје и мед.

Вечерта не одиме во кино да го гледаме глупиот ЧинеПанетоне (неокованица: cinema+panettone-типичен божиќен леб со суво овошје). Филмов излага секој Божиќ во изминативе дваесетина години. Не верувам дека сте гледале некој од нив пошто се доста локално ѓубре, иако не сте гледале, ништо не сте пропуштиле. Народски филм со сите италијанштини до јаја, пута десет.

Правилото е: правиме нешто што ни се прави. Пиеме црвено вино со костени, јадеме панетоне и се префрламе од кревет на тросед. Никој никому не му ги наметнува туѓите обичаи. Не му наметнува гости, цркви, фамилијарни ручеци, тетки, стрини и останато друштво. Она моено "мешана" во вакви прилики не ми пречи. Напротив, јас убавите работи сакам да ги присвојам, да ги споделам и да ги уживам, а своето не му го наметнувам никому. Проблемите кога се мешаш и како во нашиов случај немаш некакви големи религиозни нескладности, се главно врзани за традициите, за приказните, за легендите и многу често јазични.

Се согласуваме дека на Дедо Мраз треба да му се напише писмо. Проблем: Кога доаѓа Дедо Мраз и од каде влага?

Јас на син ми му викам дека Дедо Мраз ќе дојде за Нова Година, ќе влезе низ оџак и ќе му остави поклон под елка само ако биде послушен. Случајно ја наслушувам верзијата на маж ми. Дедо Божиќ доаѓа ноќта на Бадник и преку прозор ќе му го остави поклонот под елка ако биде послушен (единствено нешто што детево може да заклучи од цела приказна).

"Добро, па нели и во Италија Дедо Мраз влага низ оџак?"

Ми одговара: " Да, и мене така ми викаа. Ама кој има денес дома камин? Затоа му реков дека влага низ прозор."

Океј, ова сигурно не се проблеми во живот, ама и онака за некоја година ќе разбере дека Дедо Мраз (Божиќ) е измислен, барем да бидеме кохерентни во лагите, додека го лажеме.

Компромис: Дедо Мраз влага преку оџак, на Бадник (пошто нема да знаеме како да му објасниме кога во иднина ќе разговара со другарчињата) и ако биде послушен, ќе му остави поклон.

Проблем синоними: машки или женски род. Мандарина или мандарино?

Не знам зошто, мандарини јадам само околу Божиќ. Ни многу пред ни многу после. Во едно од моите молења син ми да проба мандарина, слушам доста строго: " Немој детето да го учиш да збори погрешно, мандарино е машки род."

И јас строго му одговарам: "Кај мене е женски."

Во иднина ќе видиме каков род ќе биде за него. За сега чекаме.

Проблем: синоними со различен акцент. Кафе или кафè. Го кажува во зависност на кого му се обраќа. Со кафето сме раат.

До овде ништо страшно. Сè додека на дете што (се обидува) збори два јазици, не му го зачините паметот со западно- македонски дијалект. По неодамнешниот престој во Скопје, во куќа во која се цепа строго кичевски дијалект, син ми ми вика: " Мама, овде немат клуч". Запрепастена, си мислам дека детево одлепило, или така му се испуштило. Се додека не почна ѓаволски да инсистира: "Гледај, немат, немат." Пошто збори со италијанска интонација, звучи многу слатко. Денес ми звучи ко да е Другово. Ич не ми е сладок, ама не одолевам да не се насмеам. Си признавам дека уставри не ми пречи ни фактот што ќе треснува по некој кичевски израз. Па мој си е. Си го сакам секаков.

Имаше едно недела дена во која се заинаетив, да му преведувам буквално сè. И сега додека не можам да му објаснам дека Мачедонија и Македонија е исто место кажано на два јазици, наместо да му понудам нутела, му понудив еурокрем. Тогаш сфатив дека идејата да му преведувам се е една од понеителигентните што било кога ми паднале на памет. Не. Не зашто нутелата е подобра, туку зашто никогаш нема да ја разбере кармата на еурокремот.

Да си мешан е супер работа. Си земаш само тоа што ти одговара, си правиш како што сакаш и цел микс е богат со многу персонализиран фолкор. Мешањето си има убави аспекти. Само мешан човек може да разбере што значи да имаш две доми, два Божиќи, да кажеш иста работа на два јазици без едниот да биде странски. Јас освен што сум мешана, денес сум и посвоена. Не знам веќе ни самата колку Божиќи ме научиле.

Како посвоена, ми чука срцето кога ќе си влезам дома. Пошто мене дома, ми е овде. Ми чука и кога слетувам над Болоња, кога им се враќам на овие познати улички кои по сите стандарди ги осеќам повеќе мои од Партизанска и Илинденска. На мојот кревет, на моите мириси и на сите мои тракатанци.

Само посвоен може да осети дека му се тресат рацете кога на нејшонал џеографик наеднаш излага пред очи Тајмлес на Милчо Манчевски а ти ич не ја очекуваш. Посвоените знаат и која музика да не ја слушаат, знаат и каде да не си буричкаат. Забораваат. Се прават дека не паметат мириси и вкусови. А кога е потребно глумат дека немаат минато.

Ама после некое и посвоениот ќе научи дека и со носталгијата се живее. По некое време носталгијата ќе стане само спомен. Кога тогаш, и мешаните си ја наоѓаат сопствената дома.

Текстов е за сите кои заминале, некако се измешале, малку се изгубиле, кои талкаат и понекогаш не знаат кај им е дома и кои на седми ќе прават нешто друго. За сите кои ги слават туѓите празници. Кој го слави денес, нека му е среќен и спокоен. Вам останатите ви посакувам пријатен работен ден.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

25 декември 2012 - 12:04