Убаво заврши старата година, уште поубаво нека почне Новава. Убаво во смисла на акцијата со која благодарение на многумина од вас израдувавме многу детски срца, изнудивме многу насмевки, но и по некоја солза.
А кога сме кај солзите. некако сè повеќе ми се потврдува чувството дека кога титкаш по тастатура пишувајќи текст или пост на ФБ, неговата успешност во многу зависи од еден мал детал. Зависи од диоптријата.
Но, не од онаа диоптрија која се надоместува со очила или леќи, туку од онаа диоптрија која ја прави онаа солза која се колеба да се стркала по твојот образ, а стои во аголот од окото. И нема тука големи или мали мажи, нема неемотивни кучки, нема јунаци... Секој понекогаш пушта по некоја солза дали од тага, дали од инает, болка, од сочувство, радост, од милина.
Е ова последново често ми троши хартиени марамчиња. А вие слободно викајте ме емотивец или плачко, сеедно. Посилно е од мене. Штом ја проголтам кнедлата во грло, ете ги. И попусто би течеле и миеле образи ако не нè стимулираат нешто да направиме за и на туѓи образи да ги видиме.
За овие од радост и милина зборам, де.
И таков никаков плачко како што ме дал Отецот Небесен и мајката природа, неодамна се фатив како гледајќи клип кај нас на off.net.mk за едни кадифени мечиња, гледам нешто замаглено.
И тргна солзата, ама тргна и идејата која веднаш ја споделив на Фејсбук да направиме сите заедно еден хуман гест, да ја разбудиме човечноста во нас, која пак ни е во опис и попис на религиските задолженија како христијани ако веќе не ни е вродена. Знам дека таа солза не е само да ти накваси, ами да ти обели образ.
Искрено, и покрај погоре спомнатата диоптрија не верував дека толкав интерес, поддршка и публицитет (дури и медиумски) ќе добие акцијата. Кило и пол лајкови ама и тон и пол мечиња.
И ете ме мене како во народната: ете го дедо кај иде, полна му торба со мечиња. И не само мојата торба, ами сите епархии и сите дедовци (владици) собраа подароци и ги поделија онаму каде што секој сметаше дека е најпотребно. Поделивме на разни институции, некаде се фотографиравме, негде не. Јас на пример се сликав во една од институциите. Во дневниот центар во Шутка. Не дека не го ценам советот Христов кој вели: што дава десната, да не знае левата рака. Сепак споделив на ФБ.
Чувстував одговорност да дадам отчет пред вас кои ме послушавте, кои дониравте.
Убаво и блажено е чувството да даруваш. Уште поубаво е да можеш да го скриеш подвигот на човекољубие и милосрдие. Најубаво е кога на правдина те клеветат и судат. Не ме одбегна тоа, па некои точно сфатија што беше поентата, некои се соблазнија и ме поучија да не се фалам, да не заборавам на евенгелските зборови погоре споменати. Некои се исплашија да не рушиме црковни традиции преку акцијата, па да не навлечеме гнев божји, нова вера. Некои се исплашија дека многу католичко размислување и пракса било да се дарува во црква играчка, и се посомневаа дека Западот ме расипал, па прашање на време е кога ќе предадам православие. Едни се исплашија да не стане оваа замена на дарови секојдневие, па да останеме без масло по црквите оти и кандила ќе престанат да светат а и тавите ќе загорат, па ги одвраќаа луѓето од намерата. Други разбрале дека јас планирам хонорарно да поработам како Дедо Мраз за празниците, па барам монопол на делење на даровите, секое мече да помине низ мои раце и побрзаа со враќите кај мене. Некои дадоа други предлози. На пример да си продадеме движен имот (читај џипови) и со тие пари да помагаме, а не пак од народ да бараме.
Како и да е, помина. Тој што сакаше да дари - даде и верувам и се израдува на објавата и солза образ му изми и обели. Кој што сакаше да си ја оправда мрзливоста и скржавоста најде маана. И не само на оваа идеја и акција. По дифолт ја бранеа традицијата Бадникова со палење огнови правејќи ја постара и побитна и од Христа, па пак ја отфрлија идејата за хуманост на отецот кој предложи наместо бесполезно во име на традиција да се палат огнови и да се горат илјадници кубици огревно дрво, да се дадат онаму кадешто луѓе не можат да се згреат со месеци бидејќи им фали по некој кубик дрва. Што да се прави кога живееме во времиња во кои адетот и традицијата се побитни од верата? Ама и тешки социјални времиња.
Што и да е ќе помине па може и ние што поинаку размислуваме ќе омекнеме еден ден по ова прашање. Само да пораснат оние 20 милиони засадени иднини. После тоа ќе нема смисла да штедиме и непотребно да нервираме традиционалисти со хумани идеи.
Дај Боже во Новава да нема потреба да помагаме на сиромашни, ама оти ништо не ми навестува такво нешто, Ви посакувам среќна и похумана Новава да е.
Христос се роди!
O. Pimen