"Ајде вака: Сите кои мислат дека наставничката работа е лесна, нека ја пробаат следнава вежба. Најди време и срочи си 5 говори, секој од нив да мора да пополни 45 минути, за било што во што ти лично се разбираш. Притоа, не заборавај дека својата публика треба да ја заинтересираш и мотивираш да те слуша и разбира. Патем, смисли и неколку интересни задачи и активности со кои ќе ги натераш на учество и интеракција.
Утредента стани, облечи се пристојно , повози се по град 30-тина минути по град, врати се дома, вклучи телевизор и пушти гласно. Застани пред телевизорот и во следните 45 минути кажи го својот говор, погласно од телевизорот. Од време на време дополнително засилувај го гласот на ТВ-то (бидејќи вниманието на учениците опаѓа и стануваат се по зборлести и по незаинтересирани) и пробај секогаш да го надвикаш телевизорот. Цело време мора да следиш што се случува на екранот и да знаеш што се случува на програмата. Ако некој од домашните те прекине и те праша нешто, мора да му одговориш љубезно, па да продолжиш. Не заборавај цело време да бидеш насмевнат за да придонесуваш за подобра атмосфера во просторијата.
После тие 45 минути, земи си цели 5 минути пауза, овојпат со до даска пуштен телевизор. По можност, некое од твоите деца да трча пред тебе или да се затепа со братчето или сестричката.
И потоа стани и продолжи ги своите втори 45 минути. И така 5 пати по ред.
Потоа викни комшија со кого имаш некаков проблем и со него помини 45 минути, смирено објаснувајќи како дошло до тој проблем и предложи ефикасни мерки за негово надминување. Кога ќе завршиш, повторно провози се по град 30-тина минути, дојди си пак дома, прашај се дали имаш сила да вклучиш телевизор или дa си играш со своите деца и потоа седни и подготви ги 5-те нови говори за следниот ден".