Ако веќе зборуваме за лидери...

80-тина секунди дестилирана мудрост од поранешниот претседател на Уругвај, Хозе Мухика. Греота е дури и да се спомне во иста реченица со нашата курентна понуда од лидери, а не па со нивните армии од следачи, чија карма на овој свет изгледа е на Фејсбук да ставаат постови „Се согласувам со последниот потег на лидерот....“


Хозе Мухика е роден 1935 година со баскиска и италијанска крв во себе. Во средината на 60-тите им се приклучува на герилците од Тупамарос, вооружена политичка групација инспирирана од идеалите на Кубанската револуција.

Неколкупати е апсен и затворан, вкупно одлежувајќи 13 години затвор за време на воените режими во 70-тите и 80-тите. Во 1985 година во Уругвај се враќа уставната демократија, се прогласува политичка амнестија за политичките затвореници и Мухика се наоѓа на слобода, а тупамаросите подоцна формираат легална, левоориентирана политичка организација.

Во 1994-та е избран во Сенатот, а благодарејќи на неговата сè поголема популарност, екс герилците стануваат највлијателна групација во владејачката коалиција.

Едно време е министер за земјоделство, а во 2010 станува 40-от претседател на Уругвај. Во првиот победнички говор им оддава признание и на своите политички противници и повикува на единство.

„Грешка е да се мисли дека моќта доаѓа од горе. Таа доаѓа од срцата на луѓето, мене ми требаше цел еден живот да го научам тоа“, порачува тогаш Мухика.

Од 2005-та е женет со Луциа Тополански, другарка од тупамаросите со која живее долги години наназад. Одбива да се пресели во претседателската палата и останува да живее во својата трошна фарма во едно преградие на Монтевидео на која со Луција со години одгледуваат хризантеми за продажба. Го одбива и претседателскиот превоз и ја задржува својата стара Фолксфаген Буба од 1987 година. Проценета на 1.800 долари, Бубата е неговата единствена ставка во имотниот лист. Подоцна за истиот автомобил добива понуда од еден милион долари; вика дека ако ги добие тие пари, ќе ги даде за изградба на домови на бездомници.

Многу аргументи има во полза на титулата „најскромниот претседател во светот“. Еден од нив е и тоа што 90% од месечната претседателска плата од 12.000 долари редовно ги донираше за сиромаштијата.

Во 2012 година неговата влада се решава на храбар потег да ја легализира марихуаната и продажбата да ја доведе под државна контрола. Со тоа овој 40 милиони долари вреден бизнис им го одзема на препродавците и ја намалува моќта на наркокартелите. А добар дел од парите оди за помош на најтешките зависници од тешки дроги.

Мухика безрезервно застанува зад својот колега од Бразил Лула де Силва кога овој се наоѓа под каконанда напади затоа што го примил иранскиот претстедател Ахмадинеџад.

„Тоа е генијален потег. Колку повеќе го држиме Иран затворен, толку полошо ќе биде за остатокот од светот“, оценува Мухика.

На крајот од неговиот мандат во 2010 година, репортер на Би-би-си ќе сумира дека Мухика „ја остава земјата со релативно здрава економија и и таква социјална стабилност за која поголемите соседи на Уругвај можат само да сонуваат“. 

Нарекувајќи го „последниот политички херој на овој свет“, Емир Кустурица пред неколку години почна да снима документарец за овој неповторлив лик.

9 април 2016 - 13:38