Минатиот ноември историчарот од Универзитетот Колумбија, Марк Лила, објави коментар во Њујорк Тајмс, под наслов „Крајот на идентитетскиот либерализам“. Во него, реагирајќи на победата на Трамп, Лила ја лоцираше вината за неговата победа кај тн. „идентитетска политика“, тенденцијата на луѓето од одредена религија, раса и социјален статус да формираат ексклузивни политички сојузништва. Ваквата ситуација според него ја раздроби и ја атомизираше американската политика, уништувајќи ја граѓанската култура. „Либерализмот“, напиша тој, „се има слизнато во еден вид морална паника во врска со расните, родовите и сексуалните идентитети кои ја имаат извитоперено пораката на либерализмот, и се пречка тој да стане унифицирачка сила способна за владеење“.
Есејот на Лила предизвика политичка бура. Некои критичари сугерираа дека тој открива топла вода - сета политика според нив нужно е идентитетска. Други ова го протолкуваа како напад врз малцинствата, а негови колеги од истиот универзитет го натоварија со обвинување дека кажаното е оправдување на белечкиот супрематизам.
Сега коментарот на Лила стана книга, под наслов „Некогашниот и идниот либерал: по идентитетската политика“ (The Once and Future Liberal: After Identity Politics). Нејзиното објавување повторно ја вжешти дебатата околку истата тема. Според авторот, кулминацијата на американскиот либерализам се случил со Њу дил на Рузвелт од 1930-тите, кој се фокусирал не само на индивидуалните потреби, туку на колективното добро. За повторно да ја добие моќта, либералната левица треба да се наврати на ваквата идеја, преку примена на прагматична форма на политика.
Корените на современата идентитетска политика лежат во новите социјални движења кои се појавија во 1960-тите, а кои се обидуваа да надоместат за неспособноста на левицата сериозно да се занимава со прашањата на расизмот, хомофобијата и женските права. Борбата за црнечките права во Америка беше особено корисна како модел за голем број групи, кои на тој начин развија концепти на идентитет и самоорганизација. Притиснати помеѓу расистичкото општество од една, и индиферентната левица на друга страна, голем број црни активисти излегоа од организациите за граѓански права и воспоставија посебни црнечки групи.
Сепак, и кај Лила има непрецизности и фактички грешки. Според коментатор на Гардијан славењето на Њу Дил на Рузвелт како либерализам полн „безбедност, надеж, гордост и дух на саможртва“ на кој би требало да се наврати секој американски политичар е истиот оној либерализам кој во себе ги вклучил законите на сегрегација и линчувањето. Милиони Американци тогаш биле исклучени од Американското „ние“. Токму борбата против ваквата исклученост е коренот на поствоената идентитетска политика.
Во 1960-тите борбата за црнечки, женски и геј права биле блиску поврзани со поширокиот проект на социјална трансформација. Но како што радикалните отпори почнаа да губат на сила, од 1980-тите врската помеѓу промовирањето идентитетски права и поширока општествена промена стагнираше. На крај, промоцијата на идентитето стана цел за себе. Универзализмот кој некогаш беше мотор на радикалните движења главно се загуби.
Така, „солидарноста“ за многумина денес веќе не е дефинирана во политичка смисла - како колективна акција за постигнување одредени политички идеали, туку се сведува на групен идентитет. Трамп е производ на ваквата ситуација. Исто така и анти-имиграциските популисти во Европа. Една од последиците на мејстрим идентитетската политика е што на обете страни на Атлантикот расизмот се ребрендира како белечка идентитетска политика. Како да се реставрира тоа чувство на солидарност базирано на поширока политика, а не на тесно дефинирани идентитети - тоа е вистинскиот предизвик во свет во кои визии за социјална промена скоро и да не постојат.
Во општество кое страда од дефицит на заеднички цели, идентитетските политики не се совршен одговор, заклучува Кенан Малик во Гардијан.