Патувајќи

Чисто (,) како вовед

Драги мои, еве ме и мене во обид да станам бавчанџија, по примерот на Тихо, Сандра, Бетмен, Емили, Дарко и Јана, во обид на бавчата да одгледам здрава храна. Еве, уште на стартот ветувам дека храната од мојата бавча нема да биде третирана со догматски, ниту пак со други религиозни препарати, за да не се најде некој повреден како припадник на друга религија, или пак како припадник на атеизмот. Темите ќе се движат во рамката на името на бавчата "Патувајќи" и ќе бидат обид да направат компарација помеѓу западот и Македонија, со цел навремен отпор кон некои негативни западни трендови и тенденции но, и усвојување на некои корисни и позитивни работи. Секогаш има милион пречки од обидот до крајната цел. Белким ќе има ефект.

Ај, со Бога напред.

Често патувам. И долго. Понекогаш со саати, со денови. Многупати со кола, со луѓе во кои имам доверба, со кои делам размислувања. Не ретко и со возови, со едно чудо луѓе кои прв пат ги сретнувам и започнувам спонтан муабет и најчесто давам основни информации за мојата вера, татковина. Убаво ми е на брод, гледам широк хоризонт, а сепак сфаќам дека и најдалечната точка е достижна за некој саат. Авионот, со погледот од горе, ме тера да сфатам колку всушност сме мали ние луѓето во однос на големината на светот. Некој, можеби, ова ќе го сфати како непотребна фалба, со оглед на стереотипот изграден за нас владиците, но ќе кажам дека и со автобус не е ретко да се возам. Некогаш на долги релации, а некогаш само низ град. Во тие градски автобуси или метроа, проверувам дали се уште постои онаа учтивост на која не учеа како деца, да отстапиш место за седење на постар човек. Последното возење низ Скопје, искрено ме збуни. Кога станав и му понудив на еден постар човек со бастун во рака да седне на моето место, најпрвин збунето ме погледна, па потоа се заблагодари и седна, па си викам, може ли таа почит кон постарите веќе да исчезнала? Се возам и на точак, и тоа не како рекреирање, туку за стигнување од место до место низ Малме, моето епархиско седиште во Шведска. Ако возењето велосипед низ Малме е нормално за секоја класа на луѓе, јас не сакам да сум во ненормалните. Сакам да сум обичен, да го почувствувам пулсот на обичниот народ. Кога пешачам, сакам де се бањам со народ, што би рекол легендарниот Шарл де Гол, за да го почувствувам мирисот на народот, а не на канцеларијата. Патувам, се возам и со моето мало бродче Марина низ водите на Преспанското езеро, за да сум сам со себе и дивата Преспа благодарејќи ѝ што била и ќе биде мој дом.

Патувањата ги сакам. Како што споменав, има и поука во секое едно од нив. Некако ме омудруваат. И станаа дел од мене. Се чувствувам како да сум станал веќе зависник од километража, од постојана промена на држава, град, кревет...Често, кога било каде, а особено тука во родната ми Македонија, ќе седнам со некој на кафе, чај, пиво, и кога ќе одговорам на прашањето кај сѐ беше деновиве, или пак, кај планираш сега, ќе го чујам завидливото: се изнашета. А душа ми знае, уште повеќе вкочанетиот грб, попуштениот кичмен столб, разлабавените стомачни мускули, како на професионалните шофери од истата причина.

Сепак, убаво е често пати. Ќе сретне човек разни луѓе, од просјаци до државници. Среќавам и самозадоволни нашинци, но и луѓе кои достојно ја претставуваат нашата држава, од спортисти до научници, доктори, професори и бизнисмени. Ќе сретнам луѓе кои нешто сакаат да научат, но и луѓе од кои може многу да се научи. Ќе сретнам луѓе кои ќе не пофалат нас Македонците, ќе ми се врати вербата дека ќе не биде, но и болка од сознанието дека сме добри работници, само за туѓи газди.

 
Си ја потврдувам тезата на овие патувања дека кај нас јадењето има посебен вкус, дека зеленчукот е зеленчук, а не пластика. За жал си ја потврдувам и констатацијата, особено на враќање на југ, дека можеме и ние да изгледаме убаво како земја, да имаме нови и неоштетени, нити пак избледени и изгребани сообраќајни знаци, дека можеме да замениме некое со години искршено стакло на патарините, или пак залепените весници на стаклото за сенка да ги замениме со унифицирани ролетни, дека можеме да го исчистиме ѓубрето покрај патот и никогаш веќе да не дозволиме да се натрупа во таа количина, дека може некој да ја искоси тревата покрај патот, дека може да имаме осветлени тунели, а не сите сијалици да се искршени во повеќето од нив, дека можеме уште многу нешта да поправиме и да ги одржиме така, ама за жал не сакаме. Велам не сакаме, бидејќи, кога може сѐ ова погоре споменато до влезот во Србија да функционира, како може јужно од таа точка да не функционира? По културни ли се западњаците? Побогати ли се? Или само имаат закони кои функционираат? И ние самите, со одењето на запад, стануваме за момент покултурни, па не фрламе ѓубре од кола, или само се плашиме од законот?

Имаме потенцијал, барем кај помладите. Кај нив уште не се длабоко вкоренети оние лоши навики за непочитување на заедничките добра. На крајот на краиштата, ним им останува и иднината и целото ѓубре во неа. Сега, со евтините летови, барем младите луѓе може да летнат до негде, да прошетаат, да видат дека може да биде подобро отколку кај нас. Со тоа кратко искуство потоа да станат таа совест на општество која ќе опоменува дека сакаме и заслужуваме подобро, пред се почисто. Ако успеат во тоа, барам нема да се носат самите себеси во непријатна ситуација кога ќе им дојдат гости од странство, како мене, кога честите гости од Европа ги носам од Скопје за Ресен. Тогаш уште од Плетвар почнувам да се објаснувам дека по пат има една циганска населба во која што локалното население е секогаш во состојба да донесе повеќе ѓубре, отколку што комуналните претпријатија можат да исчистат.

Се чукаме во гради дека сме чиста нација, со долга традиција и стара култура, ама сликата од нашите патишта за жал не демантира и со некултурата, и со нечистотијата.

Ама се уште верувам ако не во подобро, барем во почисто утре.

https://www.facebook.com/evropska.eparhija 

 

20 јуни 2013 - 13:24