ТРАНСКРИПТИ

Ова се транскрипти од апсолутно вистински разговори. Некреирани, немонтирани... чисти, веродостојни. Вистината си го наоѓа патот... 

Ова се ТРАНСКРИПТИ од вистински разговори помеѓу Силвана Бонева и Никола Груевски, Миле Јанакиески и М. Накоски и С.Ј.Мијалков и Д.П. Латас... Ова не се оние монтирани снимки што ги пушта Заев во соработка со странските служби кои сакаат да ни го украдат името. Ова не се креирани материјали. Транскриптиве ќе бидат приложени на судскиот процес кој е во тек и ќе ја докажат невиноста и патриотизмот на едните, наспроти предавништвото и кукавичлакот на другите.


1. Разговор помеѓу Силвана Бонева и Никола Груевски

СБ: Ало? Тук Силвана Бонева, струмчанката. Еми, шо праете, премиере?
НГ: Добар ден г-ѓо Бонева. Ве молам, зборувајте литературно, впрочем такви се правилата...
СБ: Разбирам. Ве молам, во Струмица дошле рекетари, јавноста е возбудена, што велите Вие на тоа?
НГ: Како? Повторете...
СБ: Фирма нема што не е изрекетирана во Струмица...
НГ: Чекај, ама рекет, што е рекет?
СБ: Еми не знам, затва да си питам. Де, кажете ми, молам ви се.
НГ: Рекет, Силвана, е она за играње тенис. Како лопатка за пинг-понг... ама поголемо... разбирате? Да не е некое спонзорство?
СБ: Еваа... шо била работта... тенис... Тва шо игра Џокович, неле?
НГ: Да, тоа.
СБ: И спонзорство, ногу јасно... Евааа... шо интерсно! Е, фала ви ногу. Ајде па некојпат да се видиме на кафенце. Чао.
НГ: Секако. Пак вие со струмичкиот, ха,ха,ха... До слушање.

2. Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Маријан Наковски (началник на СВР Струмица)

МЈ: Маријан?
МН: Повелете министре.
МЈ: Наковски?
МН: Да, повелете?
МЈ: Че одиме на кино вечер?
МН: Ууфф... Кој филм?
МЈ: Господаро на прстените. После можи да одиме и слаткарница.
МН: Ајде.
МЈ: Супер. Че те соберам околу 8. Чао.

3. Разговор помеѓу Саша Јорданович Мијалков и Драгон Павлович Латасов

СЈМ: Ало, Драгон Павлович, пријателе?
ДПЛ: Ало, кој е таму? Тоа сте вие, Алексеј Јорданович?
СЈМ: Се разбира, јас сум. Но, како сте вие, Драгон Павлович, како здравјето, работата?
ДПЛ: Добро сум, благодарам. А верувам и вие, Саша Јорданович.
СЈМ: Секако, секако... мошне сум добар... туку...
ДПЛ: Да, повелете?
СЈМ: Бездруго слушнавте за барањето на Љубе Бошковски Холанѓанецот? По секоја цена сака да појде в затвор.
ДПЛ: Вистина? Па зар е можно? О, колку чудно барање!
СЈМ: Замислете, сака да оди веднаш. Да се одморел од обврските и напорната работа... да побегнел далеку од сѐ. Од сета врева на овој мачен живот и трката со времето... Му велам; Љубе, љубен мој, најмил пријателе... размислете повторно... зар нема подобро место од затворот?
ДПЛ: И, Саша Јорданович, што вели тој на тоа? Останува на своето?
СЈМ: Да... Упорно инсистира и згора на сѐ, сака да остане таму барем 15 години. Со сето свое влијание, не знам дали ќе успеам да му обезбедам ни 8. Што да правам? Помагајте Драгон Павлович, вие сте ми најблизок, од вас барам помош...
ДПЛ: Не беспокојте се Јорданович, ќе сторам сѐ што можам. Ќе измислиме дека примал некаков поткуп, така нешто, за да има основа одењето... таму каде што го влече срцето.
СЈМ: О, Драгон Павлович, тој ќе ви биде бескрајно благодарен. Како и јас, впрочем. Вие сте пријател каков што секој човек може само да посака.
ДПЛ: Не претерувајте, ви се молам... ве преколнувам... сиот поцрвенев...

СЈМ: О! Та вие сте толку скромен, Драгон Павлович, толку чувствителна душа...


Ете, вака изгледаат вистинските разговори што се водат помеѓу луѓето кои странските служби неуморно ги клеветат со месеци. Тоа е вистината... како во песната: Има само една вистина, само една Македонија... Нашите политичари-патриоти се добри и кротки луѓе, сестрани, начитани и благи... сакани во своите семејства, соседства, во земјата и во странство. Тие на мравка не газат, а кога ќе видат куче скитник или дете питач - срцето им се растажува и долго не можат да заспијат. На Македонија и' мислат само најдобро, и се заморуваат од толку мислење...  не дозволувајте да ве заведе непријателската пропаганда... Бидете умни! Бидете Македонија! 

Тихомир

19 март 2015 - 22:11