Такви тротоари имаме, уште суд да се најдеше

Наставничка од Јужна Калифорнија добила рекордна отштета откако за време на една прошетка низ градот стапнала на нерамен тротоар. Вика дека несреќата ѝ го сменила животот. Доделената отштета од 7,5 милиони долари уште повеќе ќе ѝ го смени. За ваква работа, кај нас официјално би ти рекле: Што не гледаш кај одиш? 

Џастин Гурола е наставничка на деца со посебни потреби која во февруари 2018 година се сопнала на тротоар додека шетала во Витиер, град во округот Лос Анџелес.

Следувала долгогодишна правна битка што кулминираше со најголемата спогодба за дефектен тротоар во историјата на Калифорнија.

Според судските документи поднесени во Вишиот суд на Калифорнија, Гурола паднала кога се сопнала на тротоар подигнат најверојатно од корења на дрвја.

Скршила зглоб, лакт и нос, имала повреди на колената, вратот и грбот, како и лесен потрес на мозокот. Подоцна направила и операција на колената но живеела во хронична болка од падот.

“Витиер е познат по своите дрвја. Имаме преубави дрвја. Но тие некогаш знаат да бидат небезбедни“, мудрува новопечената милионерка.

По петнеделно судење, поротата утврдила дека градот е комплетно виновен за несреќата па локалните власти решиле да се спогодат. За 7,5 милиони долари.

Нејзиниот адвокат вели дека градот со години ги игнорирал поплаките од граѓаните за подигнатите од корења тротоари и немал соодветни протоколи за надзор и инспекција. Се надева дека милионската спогодба ќе биде опомена за сите надлежни локални власти во Калифорнија.

 

 

29 октомври 2025 - 15:31