После децении игнорирање на руската загриженост за нејзината национална безбедност, Запад се соочува со воена инвазија на Украина која е предвесник на нова Студена војна која ќе ги дефинира односите меѓу Русија и Запад во наредните години.
Да не се лажеме, на 24 февруари светот се разбуди во нова реалност. Пред овој датум, Русија беше третирана од Запад како иритантна и беше омаловажувана од економските, па и воените елити, како нешто повеќе од „џиновска бензинска пумпа која се маскира како нација“, да го цитираме Џон Мекејн, покојниот сенатор од Аризона.
Рускиот претседател Владимир Путин беше подвргнат на низа површни психолошки профили кои ги банализираа руските национални грижи сведувајќи ги на психо каприц на една проблематична личност а анализата на руските барања често беше карикатурално извртена.
Ова го заслепи Западот пред она што реално се случуваше. Бидејќи никој не ја сфати Русија сериозно, никој не можеше да замисли копнена војна од големи размери во Европа па после сите се изненадија кога изби токму таков конфликт.
Како дојдовме до овде?
Уште кога НАТО ја отвори вратата за членство на Украина и Грузија за време на самитот во Букурешт во 2008 година, Русија го нагласи своето жестоко противење. Вилијам Брнс, поранешен амбасадор на САД во Русија, а сега директор на ЦИА, го долови руското чувство во меморандум од февруари 2009 година: „ЊЕТ значи ЊЕТ: црвените линии на Русија за проширување на НАТО“.
Русија, истакна Брнс, гледа на „проширувањето на исток како потенцијална воена закана“, и стравува дека „прашањето потенцијално може да ја подели земјата [Украина] на два дела, што ќе доведе до насилство или дури, тврдат некои, граѓанска војна, што ќе ја принуди Русија да одлучи дали да интервенира“. Треба само да се погледне она што се случи во Доњецк и Луганск, и тековната воена операција на Русија во Украина, за да се разбере колку е на место депешата на Брнс.
Тој сепак беше игнориран. Исто како и Путин, кој постојано му повторува на Запад некои работи, уште од неговиот маркантен говор на Минхенската безбедносна конференција во 2007 година, кога ги прозва САД дека „на секој начин ги пречекоруваат своите национални граници“. „Убеден сум“, му рече Путин на собраното раководство на западниот свет, „дека дојдовме до решавачки момент кога мора сериозно да размислиме за архитектурата на глобалната безбедност. И мора да продолжиме со барање разумна рамнотежа меѓу интересите на сите учесници во меѓународниот дијалог“.
Во Минхен, рускиот претседател предупреди дека западната политика стимулира трка во вооружување. Тој во неколку наврати ги предупреди САД и НАТО дека избрзаната одлука на Џорџ В. Буш да се повлече од договорот за антибалистички ракети од 1972 година и потоа да распореди противракетни одбранбени системи во две земји на НАТО, Полска и Романија, претставува директна закана за руската државна безбедност.
Во 2018 година, Путин обелодени нови видови руско стратешко нуклеарно оружје дизајнирано да ја порази американската противракетна одбрана.
„Никој не нè слушаше“, изјави тогаш Путин. „Слушајте нè сега“.
Кaде одиме?
Главнaта поука од досегашната ситуација е дека рускиот претседател не блефира и дека Запад треба внимателно да слуша што тој има да каже. Додека руските трупи се прелеваа преку украинската граница, западните дипломати и експерти се редеа за да изразуваат шок и вознемиреност. Но, Русија беше јасна за тоа што сака и какви ќе бидат последиците ако не го добие тоа. Оваа војна беше предвидлива, само да слушаше Западот.
Како што предвиде Брнс, украинското инсистирање на членство во НАТО ја турка Русија во ќош, па таа во декември 2021 година, побара писмени безбедносни гаранции дека Украина нема да се приклучи на НАТО. Ова руско барање беше игнорирано. Русија предупреди дека неуспехот да ги обезбеди бараните безбедносни гаранции ќе резултира со „воено-техничка“ реакција - еуфемизам за војна, што Русија целосно го спроведе на 24 февруари.
Запад сега спроведува втор бран ригорозни санкции за Русија. Санкциите не се проблем, но што потоа? Овие санкции ги исцрпуваат опциите што ги имаат САД, НАТО и ЕУ за одговор на руската инвазија на Украина.
Русија нема пасивно да ја посматра втората транша санкции. Путин јасно стави до знаење дека Русија ќе одговори реципрочно, користејќи симетрични (контра-санкции) и асиметрични дејства (сајбер напади) за да се нарушат економиите на таргетираните нации и ентитети. Русија не крие дека тоа го планира, но како и со нејзината „воено-техничка“ реакција, запад ја игнорира руската закана. Русија, сепак, не блефира.
Русија, исто така, јасно стави до знаење дека нејзините безбедносни гаранции не се сведуваат само на тоа Украина да не влезе во НАТО туку и враќање на воената инфраструктура на НАТО на нивоата од пред 1997 година. Накратко, сите сили на НАТО распоредени во Источна Европа да бидат вратени во нивните матични бази, а двете локации за ракетна одбрана во Полска и Романија да бидат демонтирани.
Наместо да покаже почитување за барањата на Русија, НАТО го удвои засилувањето на своето источно крило, испраќајќи дополнителни сили во Полска, Романија и Балтикот. Како одговор на тоа, Русија ќе создаде аналогна ситуација на онаа во Белорусија, милитаризирана тампон зона што го дели НАТО од Русија.
Ќе имаме нешто што многу ќе личи на Студената војна. Ова е новата реалност во која светот се разбуди на 24 февруари. Студена војна која Запад ниту ја сакаше, ниту ја предвиде ниту е подготвен да ја води.
Скот Ритер,
офицер на морнаричкото разузнавање, асистент на генерал Норман Шварцкопф за време на Заливската војна и шеф на инспекторите на ОН за оружје во Ирак.
*********
Слушнете го неговото извонредно интервју кое на Јутјуб оди со наслов:
„НАТО е премногу слаб за да се соочи со Русија“