Европската Унија веќе четири години нема никакви дипломатски иницијативи за решавање на војната на својата источна граница, со Москва комуницира само со воведување пакети санкции, немаше реакција на низата царини со кои се закани Доналд Трамп и не прави никакви напори за деблокирање на Ормускиот проток, иако Европа е една од најголемите жртви на запирањето на извозот на нафта и гас од Персискиот залив.
Одговорноста за тоа е на Европската комисија, но и на Европската служба за надворешна акција (EEAS), која е формирана во 2016 година и сега е под контрола од шефицата на дипломатијата Каја Калас.
Јасно е дека EEAS не функционира како што треба во денешниот свет. Таа е нефункционална. Проблемот е структурен и затоа треба да се обнови структурата, изјави за Фајненшл тајмс извор запознаен со иницијативата за реконструкција на дипломатијата на ЕУ.
Неколку опции се детално опишани во проценката на француската влада споделена со други земји-членки. Париз предлага да се ограничи автономијата на високата претставничка за надворешна политика Каја Калас, која моментално одговара и пред земјите-членки и пред Европската комисија и има контрола врз мрежа од повеќе од 140 делегации на EEAS во земји низ целиот свет, за што од буџетот на ЕУ секоја година се трошат по околу 1 милијарда евра. За реконструкција се залага и Германија.

Загриженоста за функционалноста на нејзината дипломатија е уште поголема откако Калас почна да изразува лични ставови како официјални и дава предлози што не се одобрени од членките. Таа е во судир со нејзината шефица Урсула фон дер Лајен за прашањето кој е повеќе одговорен за надворешните и безбедносните прашања на ЕУ – EEAS или Европската комисија.
Фон дер Лајен ги прошири своите овластувања надвор од традиционалните параметри со тоа го назначи првиот комесар за одбрана, управува со политиката на Брисел во однос на војната во Украина и сака да формира ново одделение за разузнавање слично на она што веќе постои во склопот на EEAS.
Улогата на EEAS договоренa во 2010 година може да се промени со едногласна одлука на сите 27 членки на ЕУ. Прашањето може да биде отворено на дискусиите за следниот заеднички буџет на блокот, при што многу земји-членки бараат намалување на трошоците и поедноставување на процесите.
Префрлањето на овластувањата на EEAS кон директоратите во рамките на Комисијата и Советот би можело да заштеди пари и работни места. Изготвувањето на листи за санкции и предлози за воени мисии може да се префрли на Советот, а секојдневната дипломатија би била надгледувана од Комисијата, укажуваат анонимните извори.
Француското Министерство за надворешни работи потврди дека се водат дискусии за иднината на EEAS, но додава дека реформите мора да дојдат од Калас и нејзиниот тим. Таа, пак, тврди дека нејзината дипломатска служба ќе остане.
Улогите и одговорностите на институциите на ЕУ се јасно дефинирани во договорите. Таа рамка останува непроменета... Предизвиците со кои се соочува Европа бараат поголема кохерентност, посилни партнерства и поефикасно користење на сите алатки што ни се на располагање, порача Калас во интерен допис до вработените во нејзината служба.