Маск брои пари во билиони

Илон Маск одбројува до моментот кога ќе стане првиот билионер. Вечерва на берзата ќе се појави неговата SpaceX, која од иницијалната јавна понуда на делници (IPO) веќе собра 75 милијарди долари и доби историски најголема почетна вредност од 1,7 билиони долари. Не дека досега му беа малку милијарди - повеќе од БДП-то на неговата родна Јужна Африка.

Непосредно пред SpaceX да ги понуди своите акции на берзата, Маск поседувал 982 милијарди долари, главно во акции, според проценки на Форбс. Богатството на Маск вклучува 538 милијарди долари од неговиот удел во SpaceX пред IPO, 167 милијарди долари од Tesla и уште 150 милијарди долари акции во разни други компании. Потоа, тука се и 5 милијарди долари од The Boring Company, која дупчи тунели, и од Neuralink, фирмата за мозочни импланти, плус 104 милијарди долари во недвижности, авиони и други инвестиции и средства, според проценките на Altrata.

До оваа астрономска сума стигнал во изминатите 31 година, со стапка на богатење што не може да се спореди со кој било друг човек во историјата. Со секоја секунда откако го почнал бизнисот во 1995 година, на сметката на Маск се трупале по 1.004 долари. Секој час по околу 3,6 милиони долари, 86 милиони долари на ден, 2,6 милијарди месечно или 31,3 милијарди годишно.

  • Со тоа темпо на богатење, секои 7 минути и 17 секунди заработувал повеќе отколку вработен во Македонија со просечна плата во текот на полн стаж од 40 години.

Богатството на Маск е поголемо од годишното производство на 125 земји, вклучувајќи ја неговата родна Јужна Африка, Аргентина, Норвешка или Тајланд. Со 982 милијарди може на пример да купи да купи 2,4 милиони американски домови, компании во кои се вработени 4 милиони луѓе, флота од 10.000 приватни авиони (со гориво и одржување за следните пет години) или сите клубови од НФЛ и од НБА лигата - и да му останат 500 милијарди кусур.

Самостојно стекнато богатство од електричните коли, вселенските ракети, бродови и сателити и вештачка интелигенција, денес изнесува околу 3% од БДП на САД. Според овој показател, тој е двојно побогат од  Џон Д. Рокфелер, досега најбогатиот Американец кој создаде нафтена и железничка империја. Пред да му биде разбиен монополот, Рокфелер во 1937 година стекнал богатство од 1,4 милијарди долари, што во тоа време било 1,5% од БДП на САД. Ако се пресмета инфлацијата, богатството на Рокфелер денес би изнесувало 487 милијарди долари.

Се очекува овие бројки да скокнат уште повисоко веднаш штом вечерва ќе почне да се тргува со акциите на SpaceX. Во последниот биланс пред појавувањето на берзата, компанијата соопшти дека добила 75 милијарди долари од продажба на 555.555.555 акции од класата А по цена од 135 долари. Тоа ја крена почетната вредност на компанијата на 1.780 милијарди долари.

Но, интересот за купување акции бил тројно поголем од понудените, објави Фајненшл тајмс, со силна побарувачка од институции и од малопродажни инвеститори. Тоа може да придонесе за зголемување на акциите на SpaceX веќе на првиот ден од тргувањето, кога ќе се приклучат оние што го пропуштиле IPO-то или не добиле толку акции колку што сакале.

Интересот е силен наспроти предупредувањата дека компанијата е преценета - се продава за 92 пати повисока цена од приходите што ги остварила минатата година. Групата за истражување на инвестиции „Морнингстар“ неодамна процени дека реалната вредност на акциите на SpaceX e 63 долари по акција - помалку од половина од 135 долари – и им препорача на инвеститорите да почекаат на „поатрактивна точка“ за да вложуваат.

Самуел Кер, глобален раководител на ECM во Mergermarket, вели дека важното прашање е како неговите акции ќе се одржат на подолг рок, а не само дали ќе скокнат денес.

Во следните шест месеци многу поголем број акции отколку што беа продадени на IPO ќе станат слободно тргувани, бидејќи ќе истечат различните ограничувања за заклучување на постојните инвеститори, вели Кер.

12 јуни 2026 - 13:13