Со војната против Иран, Трамп го смени режимот - во Вашингтон

Трамп на крајот на февруари му објави војна на Иран со цел да го смени режимот во Техеран. Осум исцрпувачки месеци за Американците подоцна, се покажува дека војната всушност ја зацврсти тврдокорната власт во Техеран, а ја смени власта во Вашингтон. Сега Трамп бара „жртвен јарец“ на кој би му ја префрлил вината. Најзагрозен е шефот на Пентагон, Пит Хегсет.

Луѓе блиски до претседателот Трамп сметаат дека неговата војна против Иран, која трае веќе осум месеци и не ѝ се гледа крајот, е главната причина за поразот на републиканците на изборите за Конгресот.

Војната објавена по избор предизвика глобална енергетска криза, ја крена цената на горивата во САД и им го поскапе животот на Американците. Анализи покажуваат дека влошената економска состојба била главната причина поради која Американците масовно гласаа за демократите на изборите за Конгресот.

Извори на Вол стрит журнал тврдат дека функционери во Белата куќа и во министерствата меѓусебно се обвинуваат за поразот, поради што претседателот Трамп би морал да спроведе итна реконструкција на администрацијата.

Трамп им рече на Американците дека повисоките цени на енергијата се прифатлива жртва за демонтирањето на нуклеарната програма на Иран. Ако не успее да го убеди Иран да ги прекине нуклеарните активности, тогаш Трамп целосно ќе ја изгуби политичката моќ врз војната со која не успеа да ја постигне својата централна цел, објави Вол стрит журнал.

Уште пред изборниот пораз, „Атлантик“ објави дека Трамп размислува кого да обвини за војната. Министерот за одбрана Пит Хегсет е најчесто спомнуван висок функционер. Загрозен е и генералот Ден Кејн, шеф на Здружениот Генералштаб на воените сили.

Сè повеќе републиканци им се придружуваат на демократите во јавното изразување незадоволство од начинот на кој Хегсет ја водеше војната во Иран, од неговото одбивање да објасни зошто Америка го нападна Иран до неговото чистење на високи офицери од политички причини, а не врз основа на заслуги.

Со двата дома на Конгресот под контрола на демократите, се верува дека Хегсет ќе се соочи со импичмент, или барем би бил принуден да сведочи.

Можно е и Трамп да го разреши или да го принуди да поднесе оставка, исто како што Џорџ Буш го смени министерот за одбрана Доналд Рамсфелд по поразот на републиканците не изборите во 2006 година, за време на непопуларната војна против Ирак.

4 ноември 2026 - 08:50