Водачите фатени во оваа стапица за моќ се опасни. Тие не можат да поднесат да ги признаат своите претходни грешки и да ги исправат, па затоа ги продолжуваат. Ги отуѓуваат старите сојузници додека продолжуваат да создаваат нови непријатели, забележува Дејвид Игнејшс во колумна во Вашингтон пост.
Борбата на Трамп да избегне неуспех во Иран е очигледна во неговите речиси секојдневни објави на социјалните мрежи и средби со новинарите, каде што понекогаш ги менува позициите од час во час.
Трамп осцилира помеѓу заканата дека ќе ја уништи иранската цивилизација и нудењето великодушни услови на Техеран. Толку е фрустриран во своите напори да најде излез од Иран, што дури и не го смета за „војна“ застојот во Ормускиот теснец. Се чини дека е подготвен да го отфрли својот партнер во војната во Иран, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Неговиот коментар: „Тој ќе го направи тоа што сакам да го направи“ - стана меме за израелската опозиција.
Трамп на крајот може да постигне договор со Иран со помош на медијатори. Но договорот во голема мера ќе ги отсликува условите од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, кој самиот го поништи. Тоа ќе открие дека војната во Иран била непотребна и прескапа кампања.
Путин е негов близнак во негирањето на реалноста. Тој сè уште го нарекува конфликтот во Украина „специјална воена операција“. Верува дека може да диктира услови и да го принуди Киев да ги прифати. Неговите советници во Кремљ сè повеќе шепотат сомнежи, но не се осмелуваат директно да се соочат со него.
Стратегијата на Путин за Украина е мелница за месо. Русија трпи повеќе од 30.000 жртви и ранети месечно, велат разузнавачките аналитичари, и тој продолжува да испраќа повеќе војници на фронтот со надеж за пробив. Нема да прогласи општа мобилизација затоа што тоа би ги погодило Русите што удобно живеат во Москва и Санкт Петербург и можеби би ги претворило во дисиденти.
Како што расте фрустрацијата од војната, дебатата во Русија станува сè поотворена. Најострите критики дојдоа од Василиј Кашин во Вишата школа за економија во Москва.
Целта за ликвидација на антирускиот режим во Украина е фундаментално недостижна во оваа фаза без целосна, долгорочна воена окупација на целата земја... За Русија, ова е технички невозможно, напиша забележа Кашин.
Не можејќи да најдат начин да прогласат победа, претседателите им се нафрлаат на критичарите. Путин ја зајакна контролата врз интернетот и ја ограничи апликацијата Телеграм. Трамп ретко дозволува да помине ден без да ги нападне „лажните, валкани и корумпирани новинари“. Но, постојат ограничувања: Трамп не може да ги спречи новинарите да известуваат критички. Путин мора да внимава да не го задуши премногу силно интернетот за да не предизвика бунт.
Двајцата лидери дојдоа на власт со визија повторно да ги направат своите земји големи. И двајцата сега ги трпат последиците од започнувањето неубедливи војни кои донесоа малку освен болка за сите страни, пишува Игнејшс.