Луѓе што допираат други луѓе во гужва

Скопскиот ноќен живот е богат. Со све. Значи не само кафани, живи свирки и претстави. Со НАРОД е богат. Овој пат ќе збориме за една посебна група на луѓе, со еден маркантен пристап и метод за ширење познанства.

Веројатно во глава ви се дешава експлозија од сеќавања колку пати некој „незадолжително" се задржал за вас во згужвана дискотека или кафич. Не знам дали постојат девојчиња што се служат со оваа финта, не ми се десило (жените меѓусебно активно се избегаваат во полни простории, освен ако не се другарки), а и верувам дека мажите не би биле премногу потресени. Ама не постои жена што ја познавам, а да не се пожалила со „оној онаму пројде и ме испофаќа за половина/за врат/за грб/за стомак". Барем еднаш.

Зашо така праите? Мислам, тие неколку секунди во кои што ќе фатиш малку кожа (а најчесто фаќаш кошула или фармерка) не вредат многу, а додаваат невидена тежина на веќе постоечката сељаштина. Знам дека често се работи за личности што ако не фатат тогаш, ич нема да фатат. Ама тоа секако значи дека треба да си ја чукнат главата во која се зачнала идеја дека е паметно да се користи гужва (во секоја смисла на зборот), и да си речат

„Чекај бе. Ја ретко допирам жени пошо сум сељак. Јас не треба да бидам сељак".

После тоа треба да направиш анализа на себе и своето однесување. Веројатно проблемите во комуникација што ги имаш се должат на тоа што си сељак и веројатно треба да промениш 90% од работите што ги правиш и кажуваш. И треба да престанеш да гњавиш девојки во гужва со своите непожелни екстремитети.

Има 3 вида.

Едни поминуваат позади тебе, лесно ти ја ставаат раката на колк или на половина и додека да се свестиш поминале и не знаеш каде отишле. Тоа е толку влезено во секојдневие, што никој не ни обрнува внимание. Демек, „само да поминам, чисто да знаеш дека има човек позади тебе, да не се избуткаме". И кога ќе ја додадеш олеснителната околност дека не го искористил тоа за да искомуницира, тогаш и лесно се заборава.

Вторите се похрабри. Они не само што ставаат рака на половина, туку ја пуштаат до папок, погалуваат и загонетно ти ја покажуваат глупата глава од спротивната страна. Ти затоа што си пристојно девојче, не им маваш бокс, него уредно ја тргаш непоканетата, огавна дланка од себе и вртиш глава, па ако имаш среќа, ќе се навреди што не го цениш неговиот боговски шармантен пристап.

Ако немаш среќа, уљезот ќе се обиде да прави муабет, па дури и ќе негодува што си дрска. Иди у веце, иди у веце. Може ќе се изгуби.

Третите прават исто што и вторите и за жал, се обидуваат да те заиграат. Тоа е многу страшно. Не е страшно да заиграш со непознат дечко, напротив, симпатично е. Страшно претходно непрашан да ти го истражи абдоменалниот дел, па да те заигрува. Значи не. Обезбедување.

И онда имаш, врвот на врвовите, една гнаса што ме потсети на сите овие видови, и плус ме инспирираше да го направам овој благо језив елаборат.

Седам јас на една прекрасна домашна журка викендов, музики, пијачки, среќни луѓе, све што треба. За да се влезе во кујна, имаше скали, а како и во секоја соба, и кај скалите имаше 100 души повеќе отколку што собира. А на скалите стои гаден тип (не знам дали беше физички гаден, затоа што не го загледав), со победничка тактика да допре све женско што беше присутно.

Имено, оваа језа од човек, се беше потпрел до ѕид, палецот во џеб, а сите други прсти раширени у страна. И како што поминува некој, он благо се одвојува од ѕидот, и со гадните прстиња што му се надвор од џебот бара низ мракот по страничниот дел од телото на поминувачот.
И сега ми се повраќа.

Ова немав прилика да го набљудувам. Еднаш поминав, нешто ме допре, си викам случајно. Вториот пат посведочив и на стратешкото одвојување од ѕид и доближување. Во кујна раскажав што се десило. Добив 2-3 реакции „и мене!".
Што да кажам, освен цреп гаден? Мислам, вратете се вие од првиот пример, све ви е простено! Ме занима дали успеал да размуабети некоја со финтата? Дали попил шамар? Дали воопшто е целта да почне комуникација, или само е гаден?

Следниот пат ќе гледам да не бидам толку трезна, за да не ги памтам ваквите детали со толкава колоритност. Некои работи е поарно да се заборават.

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

твитер

29 јануари 2014 - 14:27