Не верувам во моите пишувачки способности кога се работи за Фиренца. Немам доволно добар речник, не знам доволен број придавки за убаво и на синоними за прекрасно. Не сум завидлива по природа ама на оние кои живеат таму, им завидувам. Заради времето кое за нив застанало и заради бојата на зајдисонцето. За храната и виното. За тоа што живеат во добра земја.
Секое одење, крадам помалку. Еднаш Уфици, еднаш Градината на Боболи, еднаш модно нуркање по продавници, еднаш ено-гастрономски тур по барови и кафани. Некогаш Џото или пазарот на Сан Лоренцо, друг пат Дуомото, третиот Плоштадот Микеланџело. А понекогаш само шетам, покрај Арно, надоле нагоре. Се губaм по уличките без да ми е грижа каде ќе завршим зашто Фиренца е од оние градови каде можеш сто пати. И пак после тоа.
Луѓето. Луѓето се категорија за расказ. Имаат некој громогласен тон на зборење и насмевка за секого, а да имаш насмевка за сите кои никогаш нема да ги видиш повторно е скоро ориентален гест кој не го забораваш.
И тука традицијата се меша со уметноста и мирисот на изворна тосканска кујна, а ти си гостин кој тие го сакаат зашто во Фиренца сите стануваат локални фраери: Јапонци кои јадат чкембе, Кореанци кои јадат сендвич со прасечко и локални дојденци кои уживаат во сопствените вкусови, бранувајќи си ја италијанската гордост во себе.
И сè е хармонично во Фиренца. Главната дискусија на дневен ред е да одлучиме кој бил поубав за своето време: Данте или Бокачо? И зошто Лаура не го сакала Петрарка? Имаше ли Бокачо муза? Ги оговаравме тројцата додека тие ни ги следат стапките од Пјаца дела Сињорија кон Понте Векио. A тој тажен, романтичен, златен, меланхоличен, богат, сив, црвен, во зависност од бојата на расположението.
Вкусовите јаки. За издржливи стомаци и за гурмани во душа.
Одиме на ручек во "Прошутерија". Ни викаат дека нема место, ама ако сакаме да ја делиме масата со други луѓе, може. Делот каде што одиме е ископан од бившо веце. Белите плочки типични за кафанските тоалети и пластичните цевки кои висат останале да посведочат дека ич не е битно кај си, ниту пак со кого си. Битно е само како ти е.
Ги прашуваме дали пречиме.
Одговорот е топол, јужњачки: "Трпеза со секого се дели." Така остануваме со саати. Секој расакажува по нешто, делиме вино, леб и време за на крајот да заборавивме да се запознаееме.
Сан Лоренцо. Не е пазар, туку галерија. Фали само Елингтон во позадина за да стане извонредна филсмка сцена која успева од прва. Се мешаат риби и пршути, туристи и пазарџии, работници и наконтени жени, мирис на леб, зачини и маслиново масло, месари и насмевки. Не го пропуштајте пазарот ако одите во овие краишта зашто тоа е срцето на Фиренца.
Денот завршува. Имам само уште една незавршена работа, а јас сум од оние кои ништо не оставаат на пола, па правам колаж од време растргано помеѓу вепарот, парфемот (за ова, посебна колумна) и возот накај дома. Сакам да фрлам и паричка кај Вепарoт, но обично е преполно со туристи од различни сорти кои се сликаат во милион пози, па паричката ја одложувам веќе со години. Во близина на Понте Векио, традицијата бара да го допреш на муцката, да ја ставиш паричката во устата и да ја испуштиш. Ако падне во решетките, носи среќа и желбата се исполнува. Вадам пет денари. И така во рок од дваесет секунди допрев милион стории, стотици луѓе, илјадници настани и отидов во Виница, преку Валандово, од Струмица до Охрид и се вратив назад, во Фиренца.
Ја гледам и се мислам дека од сите парички фатив пет денари. Се смеам во себе без израз. Кој знае од кај доаѓа, кој знае кај сè не поминала? Кој знае што сè не видела?
Можда долго седела во некоја касичка во на некое второоделенче од Струмица, па заминала во Валандово. Од таму некој платил патарина. Од таму, станала нечии кусур и заминала во Велес. Па некој со нејзе си купил цигари. Постојала во некоја каса полна со прашина и осаменост, можда во некое од околните села. Па конечно завршила во нечиј новчаник. И поседела таму. Од новчаникот завршила како бакшиш во некоја биртија во Охрид. Па поседела и таму. Некој студент од Охрид, ја вратил во Скопје. И во Скопје ја фаќале, префрлале, пипкале, подзафрлале. Тропкала во нечии јакни, чекала ли чекала. Тркнала и до Виница, ама се вратила назад. И јас сум дошла од некаде и ми паднала како кусур. И ич не ми е важна паричката во тој момент, ја ставaм механички и си ја носам дома. Не и придавам значење како на голем број работи или луѓе кои ни се случуваат секојдневно и случајно и само подоцна прераснуваат во вистински приказни, се претвараат пријателства, соработки, познанства, непријателства, љубови или кошмари. Само што во тој момент немаме очи да ги препознаеме.
Не знам колку време останав да ја гледам паричката. Можда ги видов сите случајности заради кои стигнав до овде и заради кои денес ви пишувам. Сè што имам и сè што немам.
Можда си се огледав малку во нејзе. Си ги видов сите преселби, заминувања, исчекувања, прашини, еуфории, патувања, очекувања, денови полни со радост и денови полни со осаменост. Раскрсници и одлуки. Стагнации и скокови на глава.
За што зборев?
Ах, да. Желба.
Замислувам да им се случи по нешто убаво денес на сите оние кои ја заштедиле, префрлиле, допреле, ставиле во каса, ја оставиле како бакшиш или ја добиле како кусур, оние кои ја нашле или ја изгубиле.
Се надевам дека и ти си дел од нив. И се надевам дека денес денот ќе ти донесе нешто убаво. Мало. Просто. Нешто што можеби нема да ти го смени животот, ама ќе ти го направи денот.
Можда некој убав гест, некое задоволство, песна, некоја средба, новост, цвеќе, некој повик, некој ископан драг спомен, нов колач, чаша вино, некоја прошетка или само раат. Нешто сосема небитно за цел космос и нешто ирилевантно за цела вселена.
Нешто за кое што ќе си знаеш само ти. Нешто твое и интимно. Нешто тајно, тивко и немо.
Тоа си знаеш ти.
Јас ти пратив мисла, а сега ти си на ред.
Мене не ми останува ништо друго освен да чекам да ми пишеш што убаво ти донесов, ако имаш очи да препознаеш.
Адресата непроменета.
Емили, Италија