Кога живеевме во визен режим, доаѓањето дома беше луксуз. И сите летови низ годините ги укинаа. Првите пати летав со Алиталија, преку Милано. Укинат.
После со Малев преку Будимпешта. Укинат.
После преку Ниш со Виндџет. Укинат.
Преку Прага со Чех Еарлајнс. Не укинат. Прескап.
Единствен верен лет 7/7 остана оној преку Виена кој беше мојот спас и радост низ годиниве. За виенскиот аеродром сум тата мата. Имам место за пиво и перек и за колбаси со кисел купус. Имам и парфимерија за шопинг и книжарница за тепање време. Само што летот не е толку ефтин. Сега откако патуваме во двојка со син ми сè беше супер до неговите две години зашто неговата карта беше петнаесет евра. Без седиште, јасно.
Мојот очај стана сè поголем, како што му се приближуваше вториот роденден на Матео зашто опциите ми беа мкнење преку Солуни и Софии, а тоа ако се влечеш сам и ако не си тесен со време, може и да биде фино. Ама со дете кое не оди стабилно е невидена мака.
Се нервирам и се мислам дека ич не е фер да си роден во толку ексклузивно место. Скопје е изгор скапо. Скопје е мета за богаташи. Ебем му матер, да леташ Милано-Њујорк е поефтино. Сè додека, еден ден живи радости. Вовеле ефтин лет Скопје Тревизо. Конечно цената да одиш дома не се наплаќа со камата.
Често ми стигнуваат мејлови од читатели за типс енд трикс да стигнеш до Италија. Не се разбирам многу од автопати, бродови, автобуси и слично и не знам како е најлесно да се стигне до југот на Италија, али за северниот дел, Визер е најрешение: два пати неделно до Тревизо и до Бергамо. Убавото е што летот е ептен ефтин. Неубавото е што се останато си бираш ти. Можеш сам да ја избереш цената.
Да речеме дека знаетe некое време унапред кога сакате да патувате. Еве да речеме да купиме карта за католички Велигден, на први април.
Иди ми дојди ми, е € 45,98
Чек ин, он лајн. Тоа е бесплатно.
На традиционалните компании не им е битно колкава ти е ташната и дали носиш уште неколку помали, како што обично ние жените правиме. Ама на Виз тоа му е од исклучително значење.
Багаж, мала ташна во раце. Бесплатно. Поголема ташна, платно.
Чекиран багаж, петнаесет евра напред назад.
До сега € 75,98. После тоа следат опции за пошироко седиште, за да влезете попрви во авион, за менување датум, име и слично, за патничко осигурување, за потврда по смс и за гаранција за точно пристигнување. Јас на сè викам, но тенкс. Ако изберев сè останато, кое до сега не ми притребало, картата ќе рипнеше.
Нардоски, дупло. Математички на € 151, 31.
Океј. Картата ја купивме. Да не заборавиме да се чекираме и да ја испринтаме. Во последнава година асистирав на секакви сцени. И лошо испринтани карти, и испринтани две карти на еден лист, и нечекирани, и избледени. Сè, ама буквално сè се наплаќа. Правилото е никогаш да не резонирате: "Ај за ова мало е, нема ваљда да ми прават проблеми." Ќе прават. Како во сите лоу кост компании. Мора да нема логика. И мора да се надеваат дека ќе има што повеќе неписмени. Ако сите постапуваа по правилата и патуваа без багаж тогаш по ниедна математика не можеше да се оправда фактот што мене ме кошта повеќе да одам до Тревизо, отколку од таму до Скопје.
Ако имаш повеќе од 32 кила, секое кило плус, осум евра или отвори куфер и вади тенџериња. Ако имаш некое кесиче ласт минит плус, плаќаш. Се изнагледав фрлени кеси, отворени куфери, караници и плачки. Ги плаќаш сите ситници и крупници со интереси, па и воздухот што го дишеш во авионот, а пошто е нели се многу лоу кост, за да се заштеди, нема клима и обично има едно осумдеспет степени внатре.
Ако воведат мишкарина и здиварина он борд, тек тогаш ќе видат што се пари. Нема ни филтер кафе бе. Ни ужина ни, бомбонче. Со Туркиш барем тулумба ти даваат. Ни една чаша вода од куќата.
Нема погнасно чувство од авион. Можда воз.
Најчесто слетувам зелена, поткашлувам и смрдам на штала. Некои авиони смрдат, а некои многу повеќе. Овој е од вторава категорија. Невидена флора и фауна. Некои ствари уште не ги разбрав. Да речеме зашто на слетување има група простаци која аплаудира. И зашто штом слета авионот ги откопчуваат појасите и стануваат, додека стјуардесите ги молат да останат на своите места. И после те буткаат и те гмечат за побрзо да излезат, ко ти да сакаш да си поседиш у авион.
На почеток кога мислев дека имам моќ да исправувам криви дрини малку се нервирав пошто барав правди. Сега ич не се нервирам. Го учам Матео како се чека во ред и како не се постапува. Како да ги поздрави стјуардесите и да го даде пасошот на чичкото на пасошка контрола. Па идеме да си ги земеме куферите.
Ги тркаламе заедно и се тркаламе од среќа и на одење и на враќање. Кога нè прашуваат дали имаме нешто за пријавување се правиме на удрени зашто уствари сме најголеми шверцери на Стоби флипс. Понекогаш пријавуваме маки, немири и соништа. Понекогаш немаме ништо во куфер. Едвај чекаме да се отворат вратите и да си се најдеме и да се испостискаме.
Трчаме. Нè чекаат и во двата правци па секогаш имаме прекрасна причина да се радуваме заради некого. Момент стискање и љубакање.
Тогаш ми текнува дека ширам реа на штала.
Али ич не ми е гајле. Лонг лив Визер. И само да не го укинат летов. Со цела флора и фауна и штала, ја можам секад дома. А вие можете кај мене на гости.
Емили, авионски