За ЕУ не сите Астразенека вакцини се еднакви

Луѓе вакцинирани со Астразенека вакцина официјално можат да влезат во ЕУ, меѓутоа луѓе вакцинирани со Астразенека исто така и не може да влезат во Унијата. Многу е важно да знаеш од каде ти е вакцината.

По повеќе поплаки, главно од граѓани на африкански држави, дека ЕУ не им признава дека биле вакцинирани ако примиле Астразенека, се разбра дека Астразенека се произведува и во Индија, а за ЕУ тоа е сосема друга вакцина од онаа произведена во Европа.

Индиското производство на Астразенека се користи и како дел од програмата на ОН за снабдување со вакцини на најсиромашните држави низ светот, и по таа основа овие вакцини, комплетно идентични со Астразенека произведена во Европа, се дадени на милиони луѓе.

Разликата е што за ЕУ индиското производство на Астразенека е одделно од европското, заради што компанијата мора да испорача посебна целосна документација и за вакцините од таа фабрика, а се уште нема.

Наспроти бирократијата на ЕУ се експертите кои објаснуваат дека погоните за производство на Астразенека во Индија минале инспекција од СЗО и добиле одобрување да почнат со работа.

Пристапот на ЕУ е проблематичен и затоа што прво со компликуваат правилата за патување, а второ се става сомнеж на веќе одобрена и прифатена вакцина дека е помалку квалитетна или на некој друг начин е потстандардна.

На почетокот од јули ЕУ го воведе ковид пасошот, кој им дозволува на жителите на Унијата слободно да се движат низ земјите членки доколку се вакцинирани со една од четирите вакцини одобрени од Европската агенција за лекови. На списокот се вакцините на Фајзер, Модерна, Џонсон и Џонсон и Астразенека, меѓутоа не и индиското производство на истата.

13 јули 2021 - 13:59