„Тоа што сум шизофреничен, не значи дека не ме следат“

Во 2017 година, надлежните американски институции одобруваат еден безобразно скап лек кој на докторот му кажува дали си го испил. Две години подоцна, признаваат дека можеби и не било најпаметно на човек кој страда од шизофренија да му нудиш апче кое има чип во себе. 

Кога американската дирекција за храна и лекови кон крајот на 2017 година одобри лек за шизофренија кој праќа сигнал до докторот на пациентот дали лекот е испиен, тоа беше толкувано не само како нова надеж во третманот на оваа болест туку и како храбро поместување на границите на интернет поврзаната медицина.

Пациенти со шизофренија често самоволно прекинуваат со пропишаната терапија што знае да доведе до психотични епизоди со жестоки последици. Затоа, од овој лек (инаку лек кој е познат 16 години, овојпат комбиниран со микрочип) се очекуваше да му помогне на лекарот да интервенира пред пациентот длабоко да загази офф-роад.

17 месеци подоцна ретко кој го користи лекот. Добар дел од причините се вртат околу цената: чини 1.650 долари месечно во ситуација кога обичната верзија на лекот (без чип) и натаму е достапна на пазарот, 30 пати поевтина.

Но, онаа другата димензија е поинтересна. Уште тогаш имаше авторитети кои предупредуваа дека ваква технолошки напредна измислица само ќе ги зајакне маниите и халуцинациите од кои страдаат тие луѓе.

„Пациентите кои имаат разни паранои не се најпаметниот таргет за лек кој пушта сигнали. Се плашат да имаат допир со тоа. Во случајов, науката не е баш во допир со реалноста,“ вели психијатрот Џејмс Левенсон.

Како функционира: Откако анти-психотикот ќе биде проголтан, дигитален сензор голем колку зрно песок (а направен од бакар, магнезиум и силициум; елементи кои ги има и во храната), штом дојде во допир со стомачните киселини, праќа сигнал до една лепенка сместена на торзото на пациентот. Лепенката праќа сигнал до смарт апликација на телефонот на пациентот а таа ги аплодира податоците на веб сајт кој го контролираат докторите.

Најинтригантна димензија на оваа приказна е каде оди оваа работа. Каде престанува грижата за здравјето и каде таа се цапнува во сферата на личните слободи.

„Има многу 'Биг брадер' во сето ова“, страхува претставничка на една организација за помош на луѓе со  ментални проблеми.

Без разлика да судбината на конкретниот лек, манијата за лесна и „паметна“ контрола на здравјето е веќе вон контрола. Проценките велат дека на пазарот постојат преку 300.000 смарт апликации поврзани со здравјето, а тие не се под контрола на ниедна дирекција за храна и лекови.

Најдобриот одговор за оние кои со помош на интернет станаа и лекари и медицински стручњаци од секаква пракса, го имаме видено во една балканска ординација.

Види „За оние на кои Гугл им е матичен“

 

19 мај 2019 - 14:40