Едно од објаснувањата зошто Американците го имаат најскапиот здравствен систем во светот е што годишно се фрлаат лекови и залихи во вредност од над 760 милијарди долари. Во ова сериозен удел има и праксата на фармацевтските компании да произведуваат скапи замени за евтини лекови.
Заедничката истражувачка сторија на НПР и Пропублика започнува со лекови заборавени во магацинот на една аптека на кои рокот им е изминат пред 30 до 40 години. Кутијата ја собира Ле Кантрел токсиколог од калифорнискиот Систем за контрола на отрови, и ја носи ка Рој Герона, фармацевт од Универзитетот на Калифорнија, Сан Франциско.
Она што ги интересира е дали овие лекови после толку години можат да се употребуваат без да наштетат, и второ, дали се уште се ефикасни. Двајцата знаат дека рокот на лековите само го обележува периодот до кој и производителот и агенцијата за лекови ја гарантира нивната ефикасност, меѓутоа датумот не значи дека тие инстантно стануваат неефикасни по истекувањето на рокот.
Во лабораторијата на Герона се тестира најдената залиха во која има 14 различни лекови, од олеснувачи на болка и стимуланси до антихистамин (лекови за олеснување на одредени алергии). Од овие 14, 12 се потентни како и на денот на нивното производство, а некои се и на 100% од она што е испишано на етикетата.
Откако тие ја објавуваат студијата, прво има критики кон нив дека се неодговорни и дека ги советуваат пациентите да користат лекови со истечен рок, и второ почнуваат критики зошто ФДА не преземе нешто околу продолжување на роковите.
Излегува дека ФДА е комплетно свесна за ваквата состојба, и дека токму по таа основа федералните власти имаат заштедено цело богатство на лекови.
Со децении, американските власти прават огромни залихи од купишта лекови, противотрови и вакцини на повеќе безбедни локации низ целата земја. Залихи чија вредност се проценува на десетици милијарди долари и кои би биле првата линија на одбрана во случај на масовна епидемија. Овие лекови се чуваат во крајно оптимизирани услови за да се спечи нивното деградирање. За разлика од аптеките и болниците кои мораат да ги фрлаат лековите со минат рок, федералните власти ја немаат истата должност пред се заради обемот на нивната залиха. Наместо тоа, тие повеќе од 30 години, редовно вадат примероци од залихите и го тестираат нивниот квалитет.
Самиот рок на траење на лековите се воведува пред околу половина век. Процесот за утврдување на рокот е изложување на лекот на интензивна топлина и потоа натопување со влага, и негово следење како ќе деградира. Компанијата заедно со истражувањата и го предлага на ФДА рокот на траење, и чека тој да биде одобрен. И покрај најразличната содржина, кај најголемиот дел од лековите рокот истекува по две до три години.
Откако еден лек е пуштен во продажба тој константно се проверува дали е ефикасен во испишаниот рок. Бидејќи од производителот не се бара да го провери лекот по овој рок, тој ретко се решава да го продолжи рокот на своите лекови. Дополнителен проблем е што измената на рокот е скапа, комплицирана и долга.
Според фармацевтите и научниците не постои економска "придобивка" за производителите да прават дополнителни испитувања. И без постојните пречки, за производителот премногу е привлечна економската логика според која фрлањето на лекови со изминат рок, значи и нови нарачки од болниците и аптеките.
Остатокот од текстот можете да го слушнете тука: