Одлуката на Трамп да го прекрши иранскиот нуклеарен договор е најава за нов бран промени на режимите на Блискиот исток. Ако целта беше да се сопре иранска нуклеарна бомба, актуелниот договор функционираше сосема добро и ќе беше покорисно тој да се направи траен отколку да се погази. Ако целта беше да се сопрат иранскиот регионални активности, тоа можеше да се стори со дипломатија и други мерки за дисциплинирање, пишува Стивен Волт.
Дали промена на режимот е корисен маневар, се исплати ли или конечниот скор испаѓа поинаков? Што вика историјата?
Спојлер: речиси секогаш тоа завршува лошо, освен кога стварно ќе дојде правда и мир, како што денес радосно сведочиме во љубе-просперитетна и амди-реформска Македонија.
Иранскиот пуч во 1953 година: Пра-татко на ваквите маневри на Блискиот исток е операцијата Ајакс, заедничка американско-британска акција за соборување на демократски избраниот премиер Мохамед Мозадег и инсталирање на шахот Реза Пахлави. На тактичко ниво тоа беше изведено совршено но долгорочните последици беа сосема спротивни. Тогаш започнува непомирливата иранска омраза кон САД а сојузникот Пахлави всушност е човекот кој ја започна нуклеарната програма на Иран.
Дебаклот на Суец: Откако египетската влада во 1956 година ја рационализираше компанијата која управува со каналот (сосема легален потег), лидерите на Британија, Франција и Израел се здружуваат со намера да го соборат Гамал Абдел Насер. Израел го напаѓа Синајскиот полустров за да создаде преттекст Британија и Франција да интервенираат „за да го заштитат каналот“. Освојувачите веруваат дека воена победа ќе го ослаби Насеr до негово заминување од врвот, но потфатот завршува тотално неславно и понижувачки за нив. На крај Британија, Франција и Израел се повлекуваат од тие територии, Насер не само што не падна туку се зацврсти на власт а Британија и Франција покажаа дека веќе не се големи сили.
Египетската авантура во Јемен: На Насер моќта малку му удира во глава па во раните 60-ти зацапува во соседен Јемен, како поддршка на „прогресивните сили“ во граѓанската војна. Испрати 50.000 војници, потроши повеќе пари отколку што имаше и по пет години се повлече од таму без никаков резултат.
Големата шема на Ариел Шарон: Во 1982 година Израел воено влегува во Либан, како одмазда на атентатот на нивниот амбасадор во Лондон. Основната намера на нивниот министер за одбрана е да се протера ПЛО и да се инсталира про-израелска влада во Либан. Соборуваат неколку авиони, го бркаат Јасер Арафат до Бејрут и до 2.000 година го држат окупиран јужен Либан. Епилог: заради ова беше создаден Хезболах од кој глава не можат да кренат.
Садам Хусеин контра светот: Заглавен во долгови од ирачко-иранската војна, Хусеин во 1990 година го окупира Кувајт во обид да го анексира. Но ваквиот потег повлекува невообичаена коалиција од западни и арапски земји кои брзо го протеруваат од таму. Садам останува на власт но обидот да го смени режимот во Кувајт комплетно му пропаѓа.
Рушење на Талибанците: Кога талибанскиот режим во Авганистан одбива да го предаде Осама Бин Ладен по нападот од 11 септември, алијанса предводена од САД интервенира да ги тргне од власт. успева во тоа и инсталира своја влада со која раководи Хамид Карзаи. 15 години и катаљарда долари подоцна, Американците уште се заглавени таму, ниту можат да ја добијат војната ниту пак можат лесно да се повлечат. Реприза на она што им се случуваше на Советите кои имаа исти намери на истата територија.
САД против Садам Хусеин: Во 2003, на бранот на истерувањето правда за 11 септември, Буш и Чејни почнуваат да ја реализираат идејата за трансформација на Блискиот исток. Израелците Перез, Нетанјаху и Ехуд Барак помагаат идејата за соборување на Хусеин да им се продаде на Американците и неа ја купуваат дури и некои либерални кругови. Доказите против него подоцна се покажаа ужасно лажни. За Американците не беше проблем да се порази ирачката армија но долгорочните ефекти се крајно непријатни: се појави Исис, Иран доби регионално влијание, а САД таму изгубија 7.000 животи на американски војници (и повеќе од десеткратно одземаа).
Соборувањето на Гадафи: Моамер Гадафи им бодеше очи на Американците еуште кога дојде на власта во 1969 година. Но, систематски меѓународни санкции го принудија да се откаже од забранетите воени програми и заради тоа администрацијата на Џорџ Дуплове го остава на власт. Но потоа се случува арапската пролет и Обама прави коалиција за дефинитивно расчистување со контроверзниот мегаломан. Наместо слободна и просперитетна Либија, денес тоа е земја удавена во анархија, со широк простор за фанатици од типот на Исис и тон оружје кое капиларно се шири по регионот.
Асад мора да замине. Или баш и не мора? Ситуацијата е актуелна па да не потсеќаме.
„Колку повеќе САД нагазуваат на промена на режими како основна алатка на својата надворешна политика, толку повеќе ќе наидуваат на отпор“, заклучува аналитичарот на Форин полиси. Не само од таргетираниот режим туку и од околните системи кои се чувствуваат како следни мети. Второ, соборувањето режим ни оддалеку не значи крај на работата. Допрва претстои главната задача но наместо со стабилни а ефикасни а демократски институции, тие земји обично завршуваат во хаос и безредие. Трето, инсталираните властодршци не секогаш се покажуваат како најкорисни сојузници. Попат тие мора да управуваат водејќи сметка и за сопствените интереси и сопственото политичко преживување што значи дека ќе влечат потези кои не секогаш им се допаѓаат на Американците.
„Тие не знаат кои локални лидери се доверливи и чесни, и кои од нив имаат доволно културолошко познавање за да развијат институции кои од локалното население ќе бидат сметани за легитимни. Без разлика колку лоша била работата пред да падне режимот, ситуацијата најверојатно ќе стане полоша откако стариот поредок ќе колабира. Оние што го смениле режимот веруваат дека ќе бидат славени како ослободители но многу поверојатен исход е населението брзо да ги изгуби некогашните илузии и да стане непријателско и насилно“, пишува Стивен М. Волт во Форин Полиси.