Коронамитови

Главно нешто што треба да запаметите додека да пројде вирусот и паниката е дека миење раце (темелно) е многу поважно од тоа дали и каква маска ќе носите.

Мит: Алкохолните гелови не го убиваат коронавирусот

Рацете се главна рута преку која вирусот патува од најразличните површини до твојот респираторен систем, заради што најефикасен начин да се заштитиш е да се погрижиш рацете да ти бидат чисти. Затоа миење раце со сапун и вода е задолжително, а ако тоа не ти е при рака, работа ќе ти заврши и алкохолен гел.


Мит: Ковид-19 не е поопасен од сезонски грип

Прво, Ковид-19 е посмртоносен од сезонски грип. Просечниот сезонски грип убива 0,1% од заразените, кај Ковид-19 стапката на смртност е далеку повисока. Во Вухан ова изнесува 2% од заразените, а надвор од Вухан е нешто пониска.

Второ, Ковид-19 полесно се шири од сезонскиот грип. Секој човек заразен со Ковид-19 во просек ќе зарази дополнителни 2,2 луѓе, додека кај сезонскиот грип просекот е околу 1,3.

Трето, Ковид-19 е сосема нов вирус за луѓето. Немаме никаков природен имунитет кон него, ниту вакцини.


Мит: Треба да избегнуваш јавен транспорт или големи собири

Не, освен ако неодамна не си се вратил од место со епидемија или си бил во близок контакт со некој што има потврден случај на Ковид-19. Британското здравство до сега нема објавено предупредување дека треба да се запре користењето на јавен транспорт.


Мит: Маските за лице ќе те заштитат од вирусот

За просечниот човек редовното миење раце е најважната одбрана што може да ја практикува. Маските за лице функционираат така што ги блокираат капките плунка од кашлање или кивање кои се главен начин за пренесување на коронавирусот, меѓутоа не сите маски се ефикасни во филтрирање на многу малите честички, а вирусот и понатаму може да влезе преку очи.

Единствените што стварно треба да ги носат маските се оние кои е најверојатно да бидат во близок контакт со заразени. Има малку докази дека јавноста би имала ќар од овие маски, а ако јавноста почне да прави залихи од маските тие ќе станат помалку достапни за здравствените работници.


Мит: Кај да е ќе има вакцина

Иако на научниците им требаа само 10 дена за да го објават геномот на коронавирусот, вакцината нема да се појави во скоро време. Вакцините минуваат низ бројни фази на развој, вклучувајќи животински и човечки тестови, пред да бидат пуштени во оптек за пошироката јавност, што значи дека најрано за една година би имале вакцина за Ковид-19.


Мит: Мачки и кучиња можат да се заразат од коронавирусот

Не можат. Барем до сега нема потврден случај.


Мит: Коронавирусот ги заразува само старите луѓе

Старите луѓе и оние со претходни здравствени проблеми обично се заразени со потешки верзии на Ковид-19. И покрај ова и младите се заразуваат и младите можат да го шират вирусот.

Како за крај: мијте раце!

3 март 2020 - 10:50