Вентилаторите пумпаат кислород во белите дробови на пациентот и го отстрануваат јаглерод-двооксидот. Голем број заразени со ковид-19 имаат потреба од овие машини бидејќи нивните нивоа на кислород нагло паѓаат, што може да предизвика оштетување на органите, а потенцијално и смрт на пациентот.
„Буквално нема држава во светот што во моментов не сака да купи вентилатор од Кина. Имаме десетици илјади нарачки што чекаат. Прашањето сега е колку брзо можеме да ги произведуваме,“ изјавил директорот на Пекинг Аеномед, Ли Каи.
Во Пекинг Аеномед целата криза ја гледаат и како „тест за брзината и квалитетот на произведено во Кина“.
Вентилаторите (не онакви канцелариски, туку медицински) се покажаа клучни во некои случаи на ковид-19 бидејќи ја прават разликата меѓу тоа дали пациентот ќе преживее или ќе умре.
Минатата недела само Њујорк (сојузната држава) објави дека има меѓу 5 и 6.000 вакви машини, а дека најверојатно ќе и бидат потребни околу 30.000. На ниво на САД здравствените власти предвидуваат дека 960.000 пациенти ќе имаат потреба од вакви вентилатори, меѓутоа државата во моментот има само 200.000.
Недостатокот на машини за дишење за време на најтешката криза во поновата историја на земјата, ги присили италијанските доктори да започнат со тријажа на пациентите (групирање на кои пациенти да им се помогне да преживеат, а кои да се остават).
„Сите фабрики за вентилатори во Кина работат со максимален капацитет, целосно за потребите на нарачките од странство,“ објаснува првиот човек на Веденг.ком, Ву Чуанпу, една од главните кинески платформи за поврзување на производителите на медицинска опрема со купувачите.
Според Ву, неговата платформа дневно добива по 60 до 70 нови нарачки, секоја за стотици или илјадници такви машини. Најголемиот дел од нарачките се директно од странски влади. Тој објаснува дека кинеските фабриките имаат наредба до мај да работат со полн капацитет (24 часа во 3 смени, 7 дена неделно).
Додека ова се случува во Кина, американски компании како Форд, Генерал моторс и Тесла добија дозвола да пренаменат дел од своите капацитети за да произведуваат вентилатори. Проблемот е што оваа пренамена не е ниту така едноставна, ниту брза, како што беше случајот со други индустрии кои почнаа да произведуваат маски, термометри или средства за дезинфекција.
Во 2018 на ниво на Кина биле испорачани 14.700 респиратори. Годинава до 3-ти март само во Хубеи (регионот во кој се наоѓа Вухан), се испорачани 16.900 вакви машини.
Анализите се дека Кина во април со целиот овој ангажиран капацитет ќе може да испорача најмалку 14.000 не-инвазивни вентилатори, чија вкупна вредност е некаде меѓу 100 и 300 милиони долари.