Тоа што Виетнам го потрефи во својот пристап кон болеста е што претерано изреагира уште на почетокот од пандемијата, што според докторите е секогаш подобар пристап кога е во прашање нов непознат смртоносен вирус.
Уште во јануари кога немаше ниту еден потврден случај владата на Виетнам започна „драстична акција“ за подготвување на земјата за справување со „мистериозната нова пневмонија“ која тогаш веќе имаше убиено двајца во Вухан.
Првиот случај на коронавирус во Виетнам е потврден на 23 јануари, кај човек што доаѓа од Вухан во Хо Ши Мин за да го посети својот син.
Уште тогаш Виетнам воведува забрана за патување, внимателно ги следи и по кратко време ги затвора граничните премини со Кина, а постепено воведува и здравствени проверки на границата и други ранливи области.
Училиштата се затворени за Лунарната Нова Година кон крајот на јануари, и остануваат затворени до средината на мај. Уште во јануари се започнува со обемно и интензивно следење на контактите на заразените.
До средината на март, кога се уште Западот се нечка што, како да прави околу вирусот, секој што влегува во Виетнам оди на задолжителен карантин во државните центри на 14 денови. Како што пишува Би-би-си „сместувањето е платено од државата иако не е луксузно.“
Вака обемниот карантин се смета за еден од клучните фактори во борбата против коронавирусот, бидејќи најновите докази покажуваат дека половина од сите заразени се асимптоматични. Додека се во карантин сите до еден се тестирани, па подоцна излегува дека „е јасно дека 40% од сите потврдени случаи во Виетнам не би имале поим дека го имале вирусот ако не биле тестирани.“
„Ако имаш толкаво ниво на асимптоматични носители единствената работа што можеш да ја направи за да ја контролираш ситуацијата е тоа што го направи Виетнам.
Ако овие луѓе не ги заклучиш тие само ќе се шетаат наоколу и ќе ја шират болеста,“ објаснува професорот Гај Тваитес од Клиничката лабораторија на Универзитетот Оксфорд во Хо Ши Мин.
Карантинот посебно врши работа затоа што најголемиот дел од луѓето што се враќаат во Виетнам се студенти, туристи и бизнис патници, кои обично се млади, здрави и поподвижни. Кога директно одат во карантин тие имаат шанса сами да се борат со вирусот без притоа да имаат каков било контакт со своите постари роднини или остатокот од популацијата, што пак значи дека медицинскиот систем може да ги фокусира своите ресурси на неколкуте критични случаи.
Иако земјата никогаш не затвора комплетно, секогаш кога ќе се појави нов кластер, властите воведуваат мерки за изолација и карантин, па цели области или населби со над 10.000 луѓе се под клуч и не смеат никаде да мрднат се додека не минат 2 недели без ниту еден потврден случај од таму.
Уште од почеток властите работат на придобивање на народот, па почнуваат со редовни дневни СМС известувања за тоа како луѓето можат да се заштитат, додека медиумската машина започнува кампања за ширење на свесност околу вирусот.
Иако бројките што излегуваат од Виетнам се крајно сомнителни, споредено со сè друго што се случува низ светот, консензусот кај медицинската и дипломатската заедница е дека „нема причина зошто да се сомнева во овие бројки“.
Професорот Тваитес чиј тим е сместен во главната инфективна болница во земјата, објаснува дека дури и да не се пријавени сите случаи, „ќе ги видевме болните на одделение“. Дополнително неговиот тим има спроведено 20.000 тестови и нивните резултати се во согласност со владините бројки.
„Дури и да имаше некои пропуштени случаи, тоа што го немаше е системско криење на случаите, и многу сум уверен во тоа,“ изјавува Тваитес.