Во време кога јавното здравство не е мрднато од своите стандардни проблеми со спорост, непристапност и константна потреба од врски, пребарувањето симптоми на Гугл претставува совршен избор за човек на кој му треба инстант решение (и кој веќе е навикнат совет за проблемите од која било природа да бара на интернет).
„Демократизацијата во достапноста на информациите колку што е згодна во секојдневниот живот и овозможува на брз и лесен начин да дојдеме до одредени информации, толку прави да заборавиме дека самата информација не значи и интерпретација на информациите - знаењето на одредени факти не значи и дека добро ќе ги примениме“, објаснува за Ал џезира хрватскиот доктор за семејна медицина Милан Мазалин.
На тие што некогаш имаат пребарувано некој симптом на Гугл јасно им е дека на крај резултатите неизбежно ќе ги однесат до дијагноза рак, без разлика на комплексноста на проблемот.
Над сите овие проблеми натежнува стручноста на човекот чии совети ги читаш, односно дали е стручно медицинско лице, човек што е длабоко запознаен со алтернативна медицина и одговорно ја практикува или општо шарлатан што само натоварил голем број следбеници на Фејсбук или на некоја од социјалните мрежи. Овие последниве и не мора да значи дека се нужно злонамерни, туку само толку знаат и толку имаат разбрано. Секако тука стои опцијата некој да сака да ти ували некакво лекарство (во каква било форма) чисто заради пари.
Следен чекор во низата, откако погрешно си ја одбрал дијагнозата на Гугл, е да ја решаваш со лекарства што сам ќе ги одбереш според идентично сомнителни совети или нешто што претходно ти помогнало за истиот проблем.