Исповед на човекот кој го откри ебола вирусот а закачи корона

Многумина мислат за ковид-19 дека е болест која убива 1% од заболените а останатите минуваат со благи симптоми налик на грип. Но, приказната е посложена од тоа. Многумина ќе завршат со хронични проблеми на бубрезите и срцето. После ова, ќе има стотици илјади луѓе на кои ќе им треба дијализа до крајот на животот. Колку повеќе дознаваме за коронавируот, толку повеќе прашања искрснуваат.

Белгискиот виролог Петер Пиот од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина е еден од екипата научници кои го откриваат вирусот на ебола во 1976 година и целиот живот се занимава со борба против заразните болести. Ја води програмата на ОН за ХИВ/АИДС меѓу 1995 и 2008 година а моментално е советник за коронавирус на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

„На 19 март одеднаш добивам висока температура и жестока главоболка. Имав чувство дека не ме боли само скалпот туку и косата. Многу бизарно. Тогаш уште немав кашлица но мојот прв рефлекс беше: го имам! Продолжив да работам, од дома.

Се тестирав и како што се сомневав, бев позитивен. Се ставив во домашна изолација во собата за гости. Но треската не се губеше. Никогаш не сум бил сериозно болен и немам ни ден отсуствувано од работа поради болест во последниве десет години. Единствениот ризичен фактор ми е возраста - имам 71 година. Бев оптимист и верував дека ќе помине. Но, на 1 април, лекарот пријателски ме советуваше да направам темелна проверка бидејќи и треската и исцрпеноста стануваа сè полоши. 

Испадна дека имам сериозен недостаток на кислород. Снимките покажуваа дека имам жестока пневмонија типична за ковид-19, но и бактериска пневмонија. Постојано бев исцрпен а обично сум полн со енергија. Тоа не беше само малаксаност туку комплетна исцрпеност. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство. 

Морав да бидам хоспитализиран иако во меѓувреме се покажав негативен на вирусот. Ова исто така е типично за ковид-19. Вирусот ќе исчезне но последиците траат со недели.

Без загрижен ако ме стават на респиратор бидејќи читав публикации кои покажуваат дека тие го зголемуваат ризикот да се умре. Без многу исплашен, но за среќа, ми дадоа само маска за кислород и тоа функционираше. Уморен си и ѝ се препушташ на судбината. Обично сум многу проактивен околу она што ми се случува, но сега бев 100% пациент.

Делев соба со бездомник, чистач од Колумбија и човек од Бангладеш, сите тројца дијабетичари што одговара на профилот на болеста. Деновите и ноќите беа долги бидејќи никој немаше сила да разговара.

После битки со вируси по цел свет повеќе од 40 години, станав експерт за инфекции. Ми беше драго што имам  корона а не ебола иако читав научна студија дека имаш 30% шанси да умреш ако со ковид-19 завршиш во британска болница. Тоа е отприлика иста стапка на смртност која ја имаше еболата во 2014 во западна Африка. Такви податоци ти ја одземаат научната ладнокрвност и им се препушташ на емоциите.

Ме стигнаа, често помислував. Целиот живот го посветив на борба против вирусите и сега конечно дојде време да ми се одмаздат. Цела недела балансирав меѓу земјата и небото.

Бев отпуштен после долга недела. Се вратив дома со јавен превоз, сакав да вдишам свеж воздух и да го видам градот. Стигнав дома и долго плачев.

Имав и секогаш ќе имам голема почит кон вирусите. Добар дел од животот посветив на борбата против ХИВ кој е многу паметен: избегнува сè што ние ќе смислиме за да го блокираме. Но, имањето на вирусот во себе ве менува како човек, ја чувствувате својата ранливост. 

Една недела по отпуштањето имав проблеми со дишењето, испадна дека имам цитокинска бура (види: Не само вирусот, нè убива и сопствениот имунолошки систем) кога имуниот систем реагира претерано. Сè уште сум на терапија за тоа, со високи дози кортикостероиди кои го забавуваат тој систем. Да се случеше таа бура кога имав и симптоми на ковид-19, немаше да преживеам. На терапија сум и против згрутчување на крвта што води до мозочни удари. Сè тоа се малку потценети способности на вирусот кој веројатно има влијание на сите органи во телото. 

Многумина мислат за ковид-19 дека е болест која убива 1% од заболените а останатите минуваат со благи симптоми налик на грип. Но, приказната е многу посложена. Многумина ќе завршат со хронични проблеми на бубрезите и срцето. После ова, ќе има стотици илјади луѓе на кои ќе им треба дијализа до крајот на животот. Колку повеќе дознаваме за коронавирусот, толку повеќе прашања искрснуваат. Затоа ме нервираат коментарите на оние, кои без многу знаење, ја критикуваат науката. Тоа не е фер.

После седум недели, конечно се чувствував добро и отворив шише вино.

Како специјален советник на ЕК, можам да кажам дека комисијата е силно посветена на развој на вакцина. Да сме на чисто: без вакцина за коронавирус, никогаш нема да можеме повторно да живееме нормално. Тоа е единствената стратегија за излез од ова. Ќе треба да бидеме способни да произведеме милијарди вакцини, што е огромен производствен предизвик. А уште не сме ни сигурни дека ќе умееме да развиеме вакцина за ковид-19. 

Денес постои парадокс дека истите луѓе кои им ги должат своите животи на вакцините, одбиваат нивните деца да бидат вакцинирани. Тоа може да биде сериозен проблеми бидејќи ако премногу луѓе заземат гард кон вакцината, пандемијата никогаш нема да можеме да ја ставиме под контрола.

Како и да е, останувам оптимист, само што, откако се соочив со смртта, имам многу помало трпение за нонсенси и булшити“, вели Петер Пиот.

9 мај 2020 - 12:47