Како звучи кога не нè тешат за коронавирусот

Групен имунитет е фантазија, а и вакцината не е ништо подобра

Групен имунитет е опасна фантазија и толку далечно враќање во историјата во времето пред постоењето антибиотици, во Средниот век, што треба да се избрише и од речник и од размислување, е ставот на американскиот професор и доктор Вилијам Хаселтин, кој своевремено ја поставува стратегијата за развивање на терапија за ХИВ/СИДА.

Во една од најладнокрвните процени на целата ситуација, Хаселтин објаснува дека и најдобриот исход на стекнување групен имунитет подразбира умирање на милиони луѓе. Што се однесува на луѓето кои чекаат вакцина или групен имунитет за повторно да можат да патуваат, неговата процена е дека тие има многу да се изначекаат, и наместо тоа им предлага поинаков начин на размислување:

„Подобра стратегија е да си речат ’ќе работам со останатите за да се осигурам дека патувањето е безбедно, да се осигурам дека авиокомпаниите прават сè што можат за да нè седнат доволно оддалечено и да се осигураат дека средината е безбедна, да се осигураат дека е стерилна, а јас лично ќе ги преземам мерките за заштита, па ако патувам со авион ќе носам Н95 маски, ќе носам очила кои добро запечатуваат околу очите, ќе се осигурам дека ќе направам сè за да не го заразам тој до мене.“

Продолжувајќи во ист тон, Хаселтин порачува дека сепак ќе се вратиме на добата пред антибиотиците, добата на почетокот од неговиот живот во 1940-те, кога антибиотиците почнуваат да се појавуваат:

„Но пред тоа, кога ги градевме нашите железници, кога ги градевме нашите градови, ние живеевме со можноста дека утрото нема да дојде. Сите знаеа дека инфекција може да значи смрт.

Сега се вративме на таа ера.

И тоа е нешто што многумина од нас го предвидоа, дека ќе дојде време, дека ќе дојде болест која ќе не врати назад во пред-антибиотските денови.

Тоа не значи крај на светот. Може да значи крај на твојот свет, но човештвото ќе продолжи и економиите ќе продолжат. Ние изградивме свет во времиња пред вакцини и пред антибиотици. И ова ќе го пребродиме, но ќе платиме цена за тоа.“

Хаселтин кој кон средината на 1980-те станува непопуларен меѓу своите колеги и јавноста заради изјавата дека не се ни приближно близу до откривање вакцина за ХИВ/СИДА, има слично црни предвидувања и за епската вакцина за ковид-19:

„Ако денес треба да се кладам што ќе биде прво, терапија или вакцина, на вакцината би и дал 50% шанси да биде безбедна и ефикасна, а на ефикасни лекови за терапија на оние што биле во контакт со вирусот, би им дал околу 90%.

Може ќе имаме вакцина ама не знаеме колку е ефикасна и сигурно за шест месеци нема да знаеме колку е безбедна. Но со лековите сум прилично убеден дека ќе имаме начин како да им помогнеме на болните и како да спречиме оние што биле во контакт да се заразат.

Така да, ќе има добри вести. Иако денес целото внимание е на вакцините, во следните неколку месеци ќе видите како вниманието се префрла на голем број лекови и тоа го знаеме, затоа што видовме како се развиваат во времето на САРС и на МЕРС.“

Кога сме кај вакцините тој не е сигурен и остава на здравствените власти да одлучат во кој правец ќе се оди, дали ќе биде во прашање вакцина која те имунизира од вирусот, или вакцина која го спречува вирусот да те убие.

16 јуни 2020 - 12:33