Дешамп, Мбапе и компанија не беа фаворити во најголемиот дел од математичките модели и анализи што најголемите банки традиционално ги користат во своите пресметки за предвидување на глобалните економски текови.
Пред првенството од топ 4 банки во светот на едни пресметката им покажа дека шампион ќе биде Шпанија, на едни Германија, а на едни Бразил. Франција ја погоди само јапонската Номура.
Бизнис инсајдер прави анализа на моделите што четирите банки ги користат во предвидувањата. Така, Голдман сакс користи машинско учење кое работи со 200.000 модели, обработувајќи податоци за секоја репрезентација и атрибутите на нејзините играчи. Банката потоа симулира 1 милион варијации на првенството за да ја пресмета веројатноста за напредување на секоја репрезентација. Нивното прво предвидување беше: Англија и Германија се среќаваат во четвртина-финале, по што Германија стига до финале каде губи од Бразил. Нивното предвидување за Хрватска беше дека ќе излезе уште по групи, а Исланд ќе продолжи понатаму наместо нив.
Швајцарски УБС првенството го обработува со помал обем од Голдман сакс и прави само 10.000 симулации на турнирот. Наместо предвидувања на можниот распоред, УБС на секоја репрезентација и одредува колкава и е веројатноста да напредува во следната рунда и на крај да победи. Со ваков систем, на УБС шампион му излезе Германија, за која банката исто така тврдеше дека има помалку од 10% шанси да го напушти првенството по натпреварите во групи. Франција кај УБС беше 5-та по веројатност дека ќе биде шампион, а шансите на Хрватска беа помалку од 1%.
ИНГ има крајно капиталистички пристап на предвидување и тимовите ги рангира според вкупната вредност на сите играчи во репрезентацијата. Кога така ги броиш работите, шампион ќе ти излезе Шпанија со вкупна вредност од 1,187 милијарди долари, а Франција доаѓа на второ со 1,183 милијарди долари.
Номура кои го погодија шампионот, својата методологијата ја објаснуваат на следниот начин: „решивме да употребиме портфолио теорија и хипотеза за ефикасни пазари. Ја прегледавме целата вредност на играчите во секоја репрезентација, моментумот на настапите на тимот и историските резултати на тимот. По што дојдовме до три портфолија на репрезентации што треба да ги следиме.“
Сите што згрешија генерално се вадат на непредвидливоста на ова Светско првенство, посебно тоа што Германија како никогаш до сега (барем од 1938 до денес) не била елиминирана во групна фаза. Второ изненадување што им ги помеша бројките е што Русија ја победи Шпанија на пенали. Нешто помало влијание има тоа што Англија успева да стигне до полуфинале, и Аргентина што играше толку очајно.