Кујнските садови со нелепливo дно се дел од онаа ефурија во децениите по Втората светска војна дека хемијата ќе ни го направи животот полесен и поубав. Тефлонот постои од 60-тите години а според проценките, 70% од садовите кои денес се продаваат на американскиот пазар, се оние со таканаречено нелепливо дно.
Перфлуорооктанската киселина (PFOA), канцерогената материја која до пред неколку години беше главна состојка за таквите дна е толку присутна што денес може да се најде во крвотокот на секој Американец, и тоа во мерливи количини.
А за денес, не сме сигурни. Главно таа индустрија знае да замени нешто потврдено опасно како што е PFOA со нешто друго за кое тврди дека е безопасно ама тоа не е ни оддалеку доволно испитано. А „бенефитот“ од новите материјали некогаш се мери и со тоа колку на отровот му треба да излезе од вашиот организам. На стандардната PFOA за тоа ѝ требале цели 4,5 години, а отровот од денешните материјали наводно излегувал побрзо.
За глобално главните произведувачи на тефлонски садови е евидентирано и докажано дека со децении ги криеле или лажирале ефектите на хемиските соединенија кои ги користат во производството. Дури во 2.000 година, и тоа со судски налог, произведувачот ДуПонт беше принуден да ги обелодени нивните повеќедецениски студии поврзани со PFOA.
За хорор деталите пишуваше Њујорк Тајмс.
Документите откриваат дека компаниите 3M (главен добавувач на киселината) и ДуПонт цели 4 децении изведувале медицински студии за PFOA. Во 1961 година откриле дека хемикалијата доведува до зголемување на црниот дроб кај стаорци и зајаци. Година дена подоцна, истите резултати ги добиле и кај експерименти со кучиња. Специфичната хемиска структура на PFOA ја прави оваа хемикалија отпорна на разградување. Исто така таа се врзува со протеините од крвната плазма. Во 70-тите ДуПонт открива високи концентрации на PFOA во крвта на своите фабрички работници во Вашингтон. Не пријавија на надлежните институции. На почетокот на 80-тите, 3М кој и натаму останува добавувач на киселината, открива дека внесот на PFOA предизвикува деформитети кај новородени стаорци. Го споделуваат тоа сознание само со ДуПонт, овие го проверуваат кај децата на нивните работничките во нивната Тефлон дивизија и откриваат дека од седум породувања, две минуваат со очни дефекти. И оваа информација ДуПонт не ја прави достапна на јавноста.
На крајот на 2001, 3М изведува студија со 598 американски дечиња. 96% од нив имале PFOA во крвта.
Хемикалиите кои се користат за нелепливи тавчиња се познати како ПФА. Постојат многу верзии на овие хемикалии (сите почнуваат со тоа ПФ) и тоа значи дека во нив има молекули кои го намалуваат триењето. ПФА ги нема во природата. Таа има отровни материи многу пред да настане човекот (жива, олово) но овие ПФ супстанци не постоеле пред индустриската револуција. Тоа е чеизот кој капитализмот ѝ го остава на планетата и на луѓето кои живеат во тн развиени земји и во чиј крвоток струјат таквите отрови.
Во последниве две години произведувачите ги исфрлија најозлогласeните елементи од тефлонот (оние кои се задржуваат во организмот 4,5 години) но ги заменија со други за кои, само затоа што се недоволно испитани, се тврди дека се безбедни.
Постојат некои совети како да се намали штетноста на тефлонските тавчиња и тенџериња, ако веќе не се заменуваат со чингани, со оние со нерѓосувачки челик или пак со старите добри (и тешки) гусани садови кои немаат смрт.
Најопасни се ако задимат. Затоа, никогаш не треба да се прегреваат и никогаш не треба да се ставаат на рингла празни, да се загреваат без масло и храна во нив. Ако зачурат, бегајте од тоа место и добро проветрете. Ако имате папагал во кујна од која често чури од тефлонско тавче, миленичето нема да се изнаживее. PFOA се докажано смртоносни за птиците. После пожар на еден карипски остров во 2010 година, кој со денови бил гаснет со противпожарна пена (која ја содржи истата хемикалија) бројот на фламинга на островот, од неколку илјадници бил спуштен на буквална нула.
Само уште еден детал: во октомври 2017 за прв човек на Агенцијата за заштита на околината Доналд Трамп ја именува Ненси Бек. Таа веднаш прави ревизија на постоечките регулативи поврзани со PFOA кои го отежнуваат следењето на консеквенците од загадувањето со PFOA. Логика? Да, има. Ненси Бек претходно работеше во Американскиот хемиски совет, главната лоби групација за хемиската индустрија.
Така што, ако некој во државата гледа фактор кој ќе го среди овој проблем, тој гледа во погрешна насока.