Се зезнавме ли што се исправивме на две нозе?

Исправањето на две нозе не била лесна и едногласна одлука на еволуцијата. Не бадијала цели четири милиони години сме се фемкале околу тоа, вагајќи ги компромисите на тој процес. Следниот пат кога ќе ве стегнат синуси, сетете се дека тие дренажни канали се свртени нагоре, контра гравитацијата.

Откако се исправи оној рбет кој го имаат четвороножните а кој е рамномерно оптоварен, сета тежина на телото лежи на една оска и потоа оптоварува две нозе. Како резултат на тоа, 'рбетот е закривен а пршлените се подложени на постојан притисок. Нервите и мускулите се прилагодиле колку што е можно повеќе, но не доволно за да се избегне ишијас, хернија и рамни стапала. Ако после целиот тој напор да стои исправено на долните екстремитети, тој двоножец ги минува деновите седејќи на биро или во автомобил, тој сигурно ќе ја почувствува болката од својата несовршеност.

Зошто тогаш да се стане двоножен? Ова прашање е потешко отколку што звучи. Се вели дека исправеното држење овозможило трчање на долги растојанија и поголема флексибилност во движењето. Оние на четири ќе нè тепаат во спринт ама затоа ние сме подобри во крос-кантри. Ова можеби е точно, но останува фактот дека на отворените простори на саваната, речиси сите животни се на четири нозе па досега добро се држат. Беше кажано и дека двоноштвото им понудило на нашите предци можност да им се прикажат на предаторите како опасна вертикална наместо беспомошна хоризонтална силуета како и да стојат над тревата за подобро да ги забележат предаторите на далечина. Се разбира, исправеното држење и ги ослободи нашите раце за да може да се користат со алатки, за носење храна и младенчиња.

Но, дали станавме двоножни за да ги ослободиме рацете или нашите раце станаа слободни затоа што станавме двоножни?

Авај, бројките не испаѓаат бидејќи првите камени технологии се појавија во Африка уште пред 3,3 милиони години, цели 700.000 години до појавувањето на родот Хомо. Зошто прво дошле технологиите, а потоа двоноштвото? Што е тука причина а што последица? Имајќи предвид дека двоножното одење нè чини сите оние скапи несовршености наведени погоре, мора да вредело уште од самиот почеток, бидејќи во спротивно нашите колеги што не се симнаа од гранките ќе издоминираа.

Можеби токму поради овие компромиси, и покрај неговите несомнени заслуги, двоноштвото еволуирало бавно и срамежливо во период од цели четири милиони години, и тоа проследено со неколку неуспешни обиди и експерименти.

Еден таков пример е Ардипитекусот, кој претпочитал хибридно решение: живот на гранки за да се заштити од предатори и претпазливо двоножно истражување на отворени простори во потрага по храна. Интелигентна стратегија на оние кои допрва требаше да станат храбри ловци, но беа вкусен плен за големите мачки и џиновските орли. Денес, павијаните и многу други примати го прават истото. Затоа, да се заборави приказната за човековата еволуција која започнала со херојското „слегување од дрвјата“. Само во раните денови на родот хомо станавме целосни двоножни.

Многумина современици уште го пцујат тој ден. Одењето исправено на нозе станува голем ризик доколку во меѓувреме вашата исхрана се промени, вашиот мозок почне да расте и мора да се породите. Карлицата не може многу да се прошири бидејќи во тој случај, нема да можете да стоите исправено. Како резултат на тоа, главата на бебето поминува со јауци.

Кога би можела да се ресетира работата и да се вратиме назад, идеалното инженерско решение би било да се породуваме директно од абдоменот, но тоа не е можно бидејќи нашиот породилен канал е модифицирана верзија на онаа на рептилите, кои несат јајца и на раните цицачи, кои раѓаат ситни потомци преку карлицата. Така се импровизираат компромиси, фиксирајќи ја бременоста на девет месеци со раѓање беспомошни бебиња чиј мозок е развиен само една третина, а останатите две третини се довршуваат подоцна. Сепак, тоа останува навистина несовршено решение, ако размислуваме не само за тоа колку мајки и бебиња починале за време на породувањето, туку и за тоа колку е болно за жените.

Транзицијата кон двоноштво носи негативни последици за речиси секој дел од телото. Човечките стапала треба да толерираат високи нивоа на стрес. Нашиот врат, со онаа тешка топка над него наречена глава која треба да се балансира, станува слаба точка. Стомакот, со сите негови внатрешни органи, е изложен на секакви повреди. Неговата заштитна обвивка, перитонеумот, гравитацијата го влече надолу, правејќи предиспозиција за хернија и пролапс.

Последиците од исправеноста можат да се почувствуваат дури и на лицето. Следниот пат кога ќе ве стегнат синуси, сетете се тие максиларни синуси имаат дренажни канали насочени нагоре кон носните шуплини - контра гравитацијата. Ова ги прави целосно неефикасни па лесно се затнуваат.

Археологот Андре Лероа-Гурхан велеше дека историјата на човештвото започна со јаки нозе, а не со јаки мозоци. Тоа било тешко искушение, особено на почетокот, но потоа ни се допаднало, оти со тие нозе станавме примати мигранти, со силно чувство на љубопитност без граници.

********

Види и:

Луѓето како збир од еволутивни грешки и компромиси

27 ноември 2022 - 11:58