Тешко е да се најде животно кое нема закржлавени или бескорисни особини: атрофирани очи, отфрлени крилја или машки брадавици, се само неколку од многуте. Сето тоа се знаци на историја, наследство на далечни роднини, напуштени структури кои еволуцијата или ќе ги толерира уште некое време или ќе ги искористи подоцна доколку бидат потребни, како крилјата на пингвин што се користат како перки, или оние на инсектите кои се пренаменети во стабилизатори.
Од јадрото на секоја клетка па до архитектурата на нашите органи, човечкото тело, исто така, носи траги и рани од долга и контрастна еволутивна историја. Нормално, не сè во нашите тела има одредена цел, инаку би требало да се запрашаме зошто ние (а не неандерталците) имаме бради. Да се бара функцоналност по секоја цена би било блесаво.
Кај мажите, на пример, која е поентата уретрата да минува низ центарот на простатата, чија функција на никаков начин не е поврзана со мокрењето? Само да имаат маки на подоцнежни години, кога вторава ќе се воспали и зголеми. Ова нема апсолутно никаква смисла но факт е дека до неодамна и не било проблем поради едноставен факт: до неодамна луѓето не живееја толку долго за да страдаат од воспалена простата.
Несовршеноста произлегува од потребата да се најдат компромиси помеѓу различните потреби и антагонистичките селективни пориви. Некоја поволна особина може да еволуира и да успее и покрај фактот што нејзините сопственици ќе ја плаќаат цената во форма на досадни несакани ефекти.
Слепото црево е уште еден добар случај. Иако неодамнешни студии сугерираат негови функции поврзани со имунолошкиот систем (како резервоар на добри бактерии во случај на инфекции), постоеле бројни поефикасни анатомски решенија кои би биле поефикасни и помалку опасни од ова (со милениуми се умирало од воспаление на слепото црево). Да имаме ќорсокак во нашите стомаци дефинитивно е лоша идеја.
Друг таков пример се екстерни тестиси. Многу цицачи имаат надворешен скротум, вклучувајќи нè и нас, и знаеме дека тој игра важна улога во ладење на тестисите за производство на сперматозоиди. Сепак, многу цицачи имаат тестиси во нивните тела, па ништо не им фали ни ним ни на сперматозоидите.
Скриената овулација е уште една необичност што ја имаме речиси ексклузивно. Човечките мажјаци не го детектираат моментот кога женките се подготвени да забременат. Кај поразумните павијани, мандрили, шимпанза и бонобо мајмуни, женката тогаш е препознатлива по изгледот, потеченоста, бојата на нејзините гениталии и испуштањето специфични мириси. Тоа значи дека и најглупавиот мажјак ќе сконта кога е време да ја изврши својата должност, додека кај човечкиот вид тоа не се случува. За нас, и за неколку други видови, како што е сивиот лангур од Југоисточна Азија, овулацијата е скриена. Ова предизвикува голема несигурност кај мажјаците, кои не знаат дали нивната копулација, која често се добива по висока цена, вредела или не.
Тоа не е крај на листата на еволутивни необичности. Ако можете да ја движите аурикулата како слонови, тоа значи дека имате бескорисни, но сè уште функционални мускули во вашите уши. Долните пршлени кои се споени заедно под карлицата се остатоци од опашка, а триаголнестата тртка (Coccyx), не по добро, ја паметат оние кои некогаш паднале на ќош од скалило.