Шестгодишните напори на Европската Унија да се наметне како глобален лидер во борбата против климатските промени завршија со исцрпувачки преговори и компромисно отстапување. Во последен момент беа усогласени помеки цели за намалување на загадувањето, за да може Европа да претстави каков било документ на самитот КОП30 во Бразил.
Компромисот беше дочекан со олеснување од многу земји и претставници на Европската комисија, кои се плашеа од срамен настап на ЕУ на светскиот самит.
Еврокомесарот за клима Вопке Хоекстра ја поздрави „континуираната лидерска улога“ на ЕУ во однос на климатските прашања. Но, тој мораше да ја признае политичката и економската реалност - високите трошоци за енергија, зголемената поддршка за десничарите и опаѓањето на индустриската доверба ги зајакна критичарите на зелената агенда.
ЕУ останува на курсот во борбата против климатските промени, но би било глупаво да се користи рецептот од минатото. Мораме да се прилагодиме на огромните промени со кои се соочуваме, изјави еврокомесарот.
Европската комисија пред неколку месеци како обврзувачка цел постави до 2040 година да ги намали емисиите на штетни гасови на 90% под нивото од 1990 година, што го вети претседателката Урсула фон дер Лејен во кампањата за реизбор.

Наместо тоа, министрите се согласија за намалување на домашните емисии за 85% до 2040 година. Преостанатите 5% ќе бидат компензирани со плаќање „јаглеродни кредити“ на други земји, преку пошумувања и други еколошки проекти. Договорено е и Комисијата да разгледува измени на целите на секои пет години, заради прилагодување кон фактори како цените на енергијата или економските проблеми.
Разводнувањето на целите беше нужно по инсистирањето од Италија, Полска и Романија, кои формираа блокирачко малцинство и одбиваа да се повлечат сè додека не добијат отстапки од сегашните мерки. За да ги придобијат, министрите се согласија да го одложат за една година воведувањето на системот на ЕУ за цени на јаглерод за греење и емисии на горива ETS2. Барањето да се продолжи употребата на биогорива и други нискојаглеродни горива во транспортот би можело да ја загрози договорената забрана за нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година.
Хекстра го претстави договорот како „нова фаза на прагматично креирање климатски политики“, со прифаќање на ставови од традиционално отпорните земји, наместо да ги става настрана.
Претходниот пристап не успеа да го заштити блокот од индустриски пад и од зависност од земји како Кина. Во минатото се коцкавме со нашата независност и нашата конкурентност на начин на кој, искрено кажано, не требаше, признава Хекстра.