Замислете Џулијан Асанж да откриеше кинески а не американски криминали

Да беше тој кинески новинар и издавач, гарант ќе станеше Нобеловец и икона на борбата за човекови и медиумски права. Ама не е, па му се закануваат 175 години американска робија. Екстрадицијата на Асанж во САД ќе биде многу црн ден за новинарството, само уште малку повеќе новинари да го сфаќаа тоа.

Да беше Кинез кој открил политички и воени криминали во својата земја, ликот на Асанж ќе се шепуреше на огромен постер зад Џо Бајден на овонеделниот Демократски самит.

Името на Асанж ќе беше прво на списокот на американскиот државен секретар Антони Блинкен од 350 новинари кои работат под закани за својот живот, список најлабаво објавен баш на денот на денот кога неговата администрација побара екстрадиција на Асанж.

Ако Асанж ги обелоденеше кинеските, а не американските злосторства, тој сега би бил главно лице на кампањата за бојкот на Зимските олимписки игри. Ќе вриеше од вести за неговата судбина, ќе се истураше праведнички гнев врз обидите да се кафезира оваа новинарска ластовичка.

„Кутар Асанж, камо среќа да се родеше како Кинез,“ иронизира долгогодишниот британски парламентарец Џорџ Галовеј.

„Случајот Асанж значи дека новинарството денес е криминал“, пишува Фрејзер Мајерс.

Криминалот на Асанж е што се занимаваше со - новинарство. Да, начинот на кој ги објавуваше сознанијата беше невообичаен. Викиликс објави масивни серии доверливи документи, без филтри или уреднички интервенции што вообичаено би ги направил некој весник или портал.

11 години минаа откако Викиликс ги објави најбитните документи, вклучувајќи ги снимките од  ‘Collateral Murder’, ‘Afghan War Diary’, ‘Iraq War logs’ како и депешите од американската дипломатија, од кои, меѓу другото, дознавме и дека Македонија има министер кој е заштитен извор на друга држава.

Се дозна за американските воени злосторства на САД во Ирак и за над 15.000 непријавени смртни случаи на цивили; се дозна за тортурата на мажи и момчиња на возраст меѓу 14 и 89 години во Гвантанамо; дека САД незаконски ги шпионираат генералните секретари на ОН и другите дипломати; за воениот удар во Хондурас во 2009 година поттикнат од ЦИА, за тајната војна на САД против Јемен во која загинаа илјадници луѓе....

Администрацијата на Обама ја разгледуваше опцијата Асанж да се гони според Законот за шпионажа,  но подоцна реши да не се гони, бидејќи, според зборовите на еден функционер на министерството за правда во 2013 година, тоа би значело дека ќе мора да се гони и Њујорк тајмс и други медиуми и новинари кои ги објавуваа доверливите материјали, вклучувајќи ги Вашингтон пост и британски Гардијан.

Сешто имаше во меѓувреме, па и планови на ЦИА да се киднапира Асанж во Лондон, а ако веќе мора, и да се убие. 

Деновиве, Асанж го изгуби случајот пред вишиот суд во Британија кој реши дека може да биде екстрадиран, иако од 2003 година, експлицитно е забрането екстрадирање заради политички процеси. На одлуката потпис треба да стави државната секретарка, Прити Пател, но малкумина веруваат дека таа ќе одбие да го направи тоа.

„Зошто многу повеќе новинари не се заинтересирани за ова? Зошто тие изгледаат повеќе загрижени за тоа какво сирење и вино ќе се служи на Божиќ во Даунинг стрит?“, се прашува Мајерс.

Можеби затоа што повеќето од нив се, како што ги опишува еден друг новинар, Џон Пилгер, „кажувачи на официјалните вистини“ кои не се плашат од државата само затоа што и ретко помислуваат да мислат различно од неа.

 

11 декември 2021 - 12:43