Германските детективи во штабот на федералната полиција во Потсдам по три години го склопија мозаикот за саботажата на гасоводот Северен тек на дното на Балтичко Море, кој беше разнесен во моќна експлозија. Следеле изнајмување чамци, поврзувале телефонски броеви и регистарски таблички на автомобили и обезбедиле доволно докази за да бидат издадени налози за апсење на тројца украински војници и тројца нуркачи специјализирани за мисии во длабоко море.
Доказите укажуваат дека целта на саботажата била да се прекинат економските врски на Русија со Германија и приходите за Москва од продажбата на гас.
Најдолгиот од цевководите се протега повеќе од 1.000 километри под Балтичко Море, испорачувајќи руски природен гас до најголемиот клиент Германија и до други земји во Европа. Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, гасоводот стана проблем за реакцијата на Европа. Некои земји бараа итно запирање на вентилите, за да се изврши финансиски притисок врз Москва, а оние што зависеа од евтиното руско гориво се пожалија дека таквиот потег ќе им наштети на економиите. Берлин направи компромис: го задржа Северен тек 1 отворен, а не даде конечна дозвола за отворање на Северен тек 2, кој беше спремен за поврзување.

Кога цевководот беше разнесен со силна експлозија во септември 2022 година, Западот инстинктивно ја обвини Москва за саботажата. Кремљ ја префрли одговорноста врз САД и Британија. Германските детективи не брзаа, туку спроведоа темелна истрага, која ги одведе до Украина.
Еден од осомничените – искусниот нуркач Володимир З. - бил лоциран во Полска. Клучната трага била црно-бела фотографија од сообраќајна камера, на која бил препознаен неговиот лик. Со проверка на неговите профили на социјалните мрежи биле откриени неговите соучесници.
Варшава, сепак, одби да го екстрадира за да му се суди во Германија. Бил префрлен во Украина со БМВ со дипломатски регистерски таблички, наводно управуван од военото аташе на Украина во Варшава. Полска го смета за херој затоа што уништил витален извор на приходи за воената машинерија на рускиот претседател Владимир Путин. Премиерот Доналд Туск зајадливо коментираше: „Проблемот не е што цевководот беше дигнат во воздух. Проблемот е што беше изграден“.
Како командир на диверзантскиот одред е идентификуван Серхиј К., 46-годишен ветеран од Безбедносната служба на Украина (СБУ), кој се криел во Италија со фалсификуван пасош издаден на друго име. Карабинерите го уапсиле во август во Сан Клементе. До декември италијанските власти треба да одлучат како да одговорат на германското барање за екстрадиција.
Серхиј повеќе од една недела одбива оброци, жалејќи се дека затворот не ја задоволувал неговата веганска и безглутенска исхрана и му ги ограничил семејните посети. Ако поради штрајкот со глад заврши во болница, нема да може брзо да ѝ биде испорачан на Германија, која веќе има спремен авион за да го донесе во Хамбург на судење.
Неговата екстрадиција може да разгори политички тензии во Германија, која прими многу украински бегалци и на Киев му испраќа економска и воена помош, вклучувајќи модерно оружје. Владата на канцеларот Фридрих Мерц е под притисок од опозициската АфД и од јавноста, кои укажуваат дека Берлин ѝ дава поддршка на влада што ги саботира економските интереси на Германија. Извори блиски до Мерц изјавиле за Волстрит журнал дека владата ќе се справи со последиците, бидејќи „германската јавност веќе се навикнала на идејата дека Киев е одговорен за саботажата“.