Британски експерти што ги проучувале здравствените картони на милиони деца во периодот на пандемијата забележале висок скок на случаи на воспаленија на срцето во деновите веднаш по вакцинацијата. Ризикот од миокардитис или перикардитис кај имунизираните деца во првата недела бил речиси двојно повисок во споредба со децата заразени со ковид и шест пати повисок од здравите.
Во новата студија, најголема од ваков вид, истражувачите споредиле 3,4 милиони деца кои примиле вакцина од Фајзер со 3,9 милиони деца кои биле заразени во периодот од јануари 2020 до декември 2022 година. Во групата вакцинирана со Фајзер биле откриени 900 случаи на миокардитис или перикардитис, во споредба со 1.300 во инфицираната група.
Нормалната стапка на срцевите воспаленија е многу ниска – по само пет случаи на секои 100.000 кумулативни години од животот на децата. Инфекцијата со коронавирус го зголемува овој ризик за повеќе од три пати, а вакцинацијата за дури шест пати. Кај деца на возраст од 5 до 11 години, ризикот од срцеви проблеми бил 11 пати поголем во првата недела од вакцинацијата.
Сепак, срцевите проблеми кај вакцинираните деца значително се намалиле во текот на следните шест месеци, за разлика од оние што биле заразени со ковид, кај кои ризикот сè уште бил зголемен. Анализата покажала дека по период од половина година инфекциите со ковид се поврзани со 2,24 дополнителни случаи на миокардитис или перикардитис на 100.000 деца и млади луѓе, во споредба со 0,85 дополнителни случаи меѓу вакцинираните.
Родителите се соочија со тешки избори во текот на пандемијата. Со градење посилна база на докази и за инфекцијата и за резултатите од вакцинацијата, се надеваме дека ќе ги поддржиме семејствата и здравствените работници да донесуваат одлуки засновани на најдобрите достапни податоци, вели Пија Харделид, професорка на од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Срцевите проблеми поврзани со вакцините со mRNA технологијата беа забележани уште на почетокот од имунизацијата и производителот Фајзер во информативните летоци сега ги наведува како редок несакан ефект.
Родителите оправдано очекуваат ризиците од вакцинација на нивните деца да бидат речиси непостоечки и многу помали од оние од болеста што се спречува, па затоа оваа работа нè охрабрува да продолжиме да го подобруваме безбедносниот профил на вакцините што ги развиваме за да ја спречиме оваа болест и потенцијалните идни пандемии, додава Адам Фин, професор по педијатрија на Универзитетот во Бристол.
Со истражувањето бил разгледан и ризикот од ретки компликации како ниско ниво на тромбоцити во крвта или згрутчувања во крвните садови. Младите имаат поголем ризик од овие состојби во период до 12 месеци по дијагностицирањето на ковид.