Психологијата на тоа да немаш појма

Проблемот со незнаењето е што, кога си е твое, некако се приврзуваш како кон другарче и разделбата со него ти паѓа тешко. Тоа што на другите им е јасно дека си идиот не те спречува да си тврдоглаво доследен. Џими Кимел и неколку психолози имаат нешто да кажат на оваа тема.

На некаков музички фестивал во Тексас Џими Кимел испратил екипа да ги фаќа во лага хипстерите кои блефираат дека се упатени околу тоа кој настапува и каква музика свири. „Оваа година најмногу се очекува од Контакт Дерматитис. Дали мислите дека овој музичар е доволно добар за да направи журка?". „Апсолутно", одговара фраерот, воодушевен од тоа што е на телевизија, а не сакајќи да признае дека појма нема.

Ова е само една од финтите на Кимеловата серија Lie Witness News (да речеме „Л'жги со опашки"), во која на случајни минувачи им се поставуваат прашања со лажни премиси, како на пример дали Бил Клинтон добил доволно признание за тоа што ја прекинал војната во Кореа, или дали филмот Годзила бил нечувствителен кон преживеаните од нападот на огромни гуштери во Токио 1954.

Неверојатно е колку голем број луѓе паѓаат во стапицата која им е поставена, и какви сè глупости се подготвени да кажат наместо човечки да речат „не знам" или да поврзат два со два. И покрај тоа што продуцентите сигурно ги одбрале најголемите лажговци, тоа дека голем број од нас самоуверено зборуваат за нешта кои не ги знаат е емпириски позната, и научно потврдена работа.

Слично како кај Кимел, но во интимноста на истражувачката лабораторија на Универзитетот Корнел, психолозите Став Атир и Емили Розенвејг ги прашуваат испитаниците дали им се познати одредени технички концепти од физика, биологија, политика и географија. Одреден број од нив знаат што е тоа „центрипетална сила" и „фотон". Но истите тие велат дека им се познати и концепти кои се целосно измислени, како „холарин" или „ултра-липиди". Околу 90% од испитаниците изјавиле дека им е познат барем еден од девет фиктивни концепти за кои биле запрашани. Всушност, колку што некој покажувал поголемо знаење за генералните теми, толку повеќе тврдел дека ги знае и бесмислените термини.

Ако образованието значи способност да разликуваш помеѓу она што го знаеш и она што не го знаеш, овој едноставен идеал изгледа екстремно тешко изводлив. Можеби првото е полесно за дефинирање, но неговата граница и обемот на она што следи по него - незнаењето - се прилично матни.

Ваквиот синдром на непрепознавање на сопственото незнаење има и свое име - Данинг-Кругеров ефект, за кого веќе пишувавме тука. Она што е интересно е дека ова не е само проблем на суета и чисто лажење, туку на нешто поапстрактно - оние кои појма немаат НАВИСТИНА чувствуваат дека нешто знаат. И ова не се однесува само на поединци туку и на цели движења во историјата, како на пример големите финансиски колапси, за кои дури и експертите биле сигурни дека нема да се случат, базирано, нели, на она што тие (не) го знаеле.

Во текот на животот собираме голем број факти, искуства, интуиции, стратегии, метафори и финти кои ни изгледаат како „вистински" знаења. Но тоа често е несреќна нуспојава на една од нашите најголеми предности како животински вид - да препознаваме шеми и да теоретизираме. Теориите обично ни се доволно добри за со нив да го минеме денот, но нашата креативност да си кажуваме приказни, комбинирана со неспособноста да го детектираме сопственото незнаење може да бидат не само засрамувачки туку и опасни. „Она што ќе те заебе не е она што не го знаеш. Туку она за кое сигурно знаеш дека не е така", вели хумористот Џош Билингс, во цитат за кој многумина „знаат" дека е на Марк Твен.

Како човек да се извлече самиот од ваквите стапици? Со тоа што самиот ќе си ги поставува. Со замислување на можни сценарија во кои се греши, или во кои се замислува спротивното и неговите последици. И со слушање на мислењата на другите, без оглед колку се тие слични на вас.

6 ноември 2014 - 12:49