Во двата архетипски модуси на живеење, опишани во делото "Да се има или да се биде", Ерих Фром ја става фотографијата во оној првиот, оној во кој сакаме да го материјализираме нашето живеење, да имаме докази за него, да можеме да го складираме и конечно - да го заборавиме. Самото фотографирање е сместување на еден момент од нашиот живот на "сигурно", па оттука не се ни трудиме многу да ја запомниме неповторливоста на тој момент. Затоа што за него имаме бекап.
Овој момент е уште поинтересен денес, со масовноста на социјалните мрежи, леснотијата на правење фотки и нивно споделување. Родители ги сликаат своите деца за паднато запче и за милион други будалаштини, складирајќи го нивното детство во фолдери кои после ретко ги отвораат.
Истовремено, го губат моментот во кој припаѓаат, фокусирани повеќе на самиот чин на фотографирање отколку на содржината на она што се случува пред нив. На тој начин самите се исклучуваат од битните моменти во животот на своите деца, сведувајќи се на луѓе кои прават фото - записници.
"Проблем е што луѓето се откажуваат од моментите кои им се случуваат. Прават илјадници фотографии и ги складираат некаде а потоа ги забораваат бидејќи е тешко сите тие фото купови да се тагираат и организираат", вели Мариана Гери, професор по психологија која се занимава со ефектите на фотографијата врз спомените од детството. "Тоа е огромна загуба," вели таа.
Истиот проблем ја заинтересирал и Линда Хенкел, американски психолог која направила и експерименти со своите студенти, праќајќи ги во Музеј каде што требале некои изложени дела да ги набљудуваат а некои да ги фотографираат.
Истите потоа решавале тест на меморија.
"Запаметија многу помал број објекти кои ги фотографираа а за нив знаеа и далеку помалку детали."
По неа, сеќавањето за фотографираните објекти било ослабено бидејќи луѓето со потпираат на надворешната меморија, оставајќи ги апаратите да памтат за нив.
"Штом сте притиснале на копчето за сликање, сте ја аутсорсирале вашата меморија. На тој начин се откажувате од менталните процеси кои ви помагаат сами да запамтите нешто," вели психологот.
Таа не мисли дека луѓето треба да се откажуваат од фотографирање бидејќи тие се корисни потсетници. Само порачува дека фотографиите и спомените не се иста работа. Бидејќи првите се секогаш исти а вторите се менуваат со текот на времето, новостекнатото искуство, атмосферата, расположението или друштвото со кое се споделуваат.