Она за што треба да се пофали автомобилската индустрија е дека стварно работи на намалување на загадувањето, па во последните 4 децении ефикасноста на автомобилите е зголемена за два пати, а издувните гасови се намалени за повеќе од 95%. И покрај ваквиот напредок градовите низ цел свет, а и овие што ни се локални, се во константна борба со загадувањето и се полошиот квалитет на воздухот.
Авторите на книгата „Faster, Smarter, Greener: The Future of the Car and Urban Mobility“, Венкат Сумантрам, Чарлс Фајн и Дејвид Гонсалвез во својата колумна за Гардијан препорачуваат едно поинакво решение:
„Комплетното префрлање на електрични автомобили ќе биде позитивен чекор, но сепак и неадекватна мерка.
Нашата урбана мобилна архитектура мора да подлежи на фундаментални промени. Во Бостон повеќе од 40% од автомобилите во најголемата гужва имаат само еден човек во нив. Секој еден од нив, со просечна тежина од 70-80 кила, го затвораме во пакет кој тежи 20 пати повеќе од него за тој да постигне подвижност. Потребно е многу енергија за да се придвижи таа маса.
Дури имајќи ја предвид и далеку поголемата ефикасност на електричните возила, нула издувните гасови не значат и нула загадување од патувањето. Денес над 50% од струјата генерирана во Британија и над 65% од струјата генерирана во САД доаѓа од фосилни горива. Загадувањето од нас ќе се намали за едвај една четвртина ако сите се префрлиме на електрични возила.
А има и други аспекти за кои треба да се биде загрижен. Моментално зафаќаме огромни пространства на вредна урбана површина за потребите на улиците. Лондон одвојува речиси 24% од својата површина на улици и помошна инфраструктура. Во голем број американски градови ова може да достигнува и до 40%.
СЗО пресметува дека градот треба да одвојува најмалку 9 метри квадратни зелени површини за секој свој жител. Сепак брзорастечките градови низ светот функционираат со помалку од 2 метри квадратни откако од се поскапоцената површина ќе се одвои за хранење на ненаситниот апетит за улици и паркинзи.
Ова претставува невидлива субвенција за корисниците на автомобили дури и во време кога системите за јавен транспорт се под сè поголем притисок за контрола на трошењето. Студија на Светската банка истакнува дека најголемиот дел од улиците на површината и главните патишта во урбаните области се ниско наплатени, дури и кога во предвид ќе биде земен данокот на продажба на гориво.
И излезе дека ниту ова не го решава проблемот. Како што покажа во Лос Анџелес, градот кој нуди поголем капацитет на улици по глава на жител отколку кој било друг американски град, додавањето на улици и автопати само поттикнува повеќе луѓе да користат приватен транспорт. Просечниот патник во Лос Анџелес губи речиси 5,5 денови годишно заглавен во сообраќајна гужва.
Со други зборови, само борбата за почисти автомобили нема да ги реши проблемите со кои градовите се справуваат. Наместо тоа, градовите треба да имаат помалку автомобили и да им даваат поткрепа на најразлични модели кои фаворизираат пешаци, велосипедисти и масовен превоз или споделена мобилност.
За да ги извадиш луѓето од автомобил, градовите исто така треба да им го олеснат на луѓето поврзувањето на различни видови превоз...
Сите ние сакаме нашите градови да бидат побрзи, попаметни и позелени - и автомобилот не секогаш е единственото решение. Мора да ја користиме технологијата и претприемништвото за да се осигуриме дека нашата урбана иднина е чиста, инклузивна и во согласност со општото добро.“