Летото 1969 година директорот на американскиот институт за дентални истражувања стоел пред публика на научен симпозиум спонзориран од шеќерната индустрија и зборувал како да се елиминираат расипаните заби. Доктор Ричард Грулих ја уверувал стручната публика дека тоа нема никаква врска со намалување на употребата на шеќерот и дека таквиот обид би бил чисто губење време.
Новооткриените архиви од таа и од претходната деценија го расветлуваат коренот на ваквите ставови. На виделина излегоа вкупно 319 интерни документи од шеќерната индустрија што обелоденуваат како спонзорираната наука го носела јавното внимание во различни правци, само да е подалеку од шеќерот и неговата вистинска улога не само во болестите на забите, туку и во другите медицински проблеми.
„Принципот е ист како кај магионичарските трикови. Додека ја следиш едната рака, не ја гледаш другата како прави пари“, вели еден стручњак, кој препорачува претпазливост кон истражувањата помогнати од големи компании.
Документите покажуваат како богатата индустрија ги пренасочувала парите кон истражувања за кои знаеле дека ќе бидат фокусирани на поинакви решенија, со цел да се задржи истото ниво на консумирање шеќер.
На пример, биле дадени 8 милиони долари за развој на вакцина против кариес. Во меѓувреме ја експлоатирале надежта дека луѓето не треба да се грижат за тоа што им прави шеќерот бидејќи и онака наскоро ќе има вакцина што ќе ги решава тие проблеми. Се разбира, таква вакцина никогаш не се појави.
Денес шеќерот го има во 74% проценти од пакуваната храна што ја има по продавници. За маскирни цели, на американските етикети и декларации на производи, за него се користат дури 61 различно име.
Наспроти препорачаната доза од 139 калории дневно, просечниот Американец дневно голта 500 „шеќерни“ калории.