Како што пишува Music.Mic, во последниве педесетина години поп песните станаа подолги, погласни, но и многу слични меѓу себе. Од друга страна, музиката се смени на начини за кои се уште не сме свесни - брендовите и рекламирањето навлегуваат во сите фази на креативниот процес, па така вашите омилени песни и видеа всушност стануваат реклами.
Истражувачите на Универзитетот во Колорадо, Денвер, го потврдуваат овој тренд. Тие ги анализирале 30-те топ песни на листите на Билборд секоја година од 1960 до 2013, и откриле дека повеќе од половината од 1,544-те спомнувања брендови во нивните стихови се случиле помеѓу 2000 и 2010. Како што растела генералната должина на песните и бројот на зборовите, така се зголемувал и процентот на оние поврзани со брендови. Во 2010, 1,8% од зборовите можат да се сметаат за рекламирање. Ова можеби на прво слушање изгледа малку, но тоа е речиси двојно во споредба со ситуацијата пред 25 години.
Зад затворени се вртат големи пари за да се биде спомнат во хитовите, особено на големите поп ѕвезди. Иако темата се смета за забранета, некои работи се очигледни. На пример рефренот на хитот „Засекогаш" на Крис Браун од 2007 е асоцијација на слоганот на Риглис за мастиката Дабл минт и гласи: „Удвој го твоето задоволство/Удвој си ја забавата и танцот". Една година по излегувањето на песната Ригли самиот признал дека песната е всушност дел од лукаво оркестриран потег, како претходница на комерцијалниот џингл, кој исто така го изведува Браун, и ја има истата мелодија.
Оригиналната песна:
Џинглот:
Лејди Гага има наплатено спонзорства од Полароид, Хјулит Пакард, Вирџин Мобајл и уште пар брендови за нејзиното видео „Телефон". Раперот Баста Рајмс пак добил пари за вметнување на стихот „Подај ми го Курвоазјето". За работата да биде уште по „фуј" Universal Music Group почнала со програма за ретроактивно вметнување на реклами во постари музички видеа.
Како што коментира Салон, поп и рок музиката секогаш биле поврзани со капитализмот, бидејќи се овозможени од масовната потрошувачка. Иако дел од производите на таа иста рок и панк култура се критички настроени кон пазарот, ова изгледа дека завршило некаде на преодот од 20 кон 21 век. Она што загрижува е недостатокот на транспарентност во целиот процес, во кој понекогаш се прескокнати и самите музичари, кои едноставно мора да ја одработат рекламата доколку сакаат да добијат дел од колачот. Но најизлажани излегуваме ние, мислејќи дека слушаме љубовна песна, која е всушност реклама за некаков депилатор.