На почетокот на оваа година во Германија стапи на сила закон со кој на социјалните интернет платформи како што се Фејсбук, Твитер, Инстаграм или Јутјуб им се наложува да отстрануваат „очигледно спротивни на законот“ материјали кои ќе се најдат кај нив, и тоа во рок од 24 часа. Во спротивно се соочуваат со драконски казни и до 50 милиони евра. Истовремено им се наложува да цензурираат и нешто што не е „очигледно нелегално“, како што се лажните вести или широко сфатениот говор на омраза за што имаат рок од седум дена, а казните за непочитување се помали но сепак високи.
Оттогаш се кумулираа доста случаи на небулозни цензурирања и бришење акаунти. На сатирични медиуми, на стенд-ап комичари или улични артисти, на поединци кои последни можат да бидат обвинети за говор на омраза ама сепак дошле 'под секира'. Иронијата и сатирата сепак е прекомплексен свет за буквалистите со цензорски овластувања. А соочени со огромни казни, овие компании се принудени да играат „на сигурно“.
Апсурдните случаи на цензура веќе создадоа атмосфера контроверзниот закон да се менува со амандмани но некои сметаат дека целата идеја е погрешна и никакви амандмани нема да ја надминат фабричката грешка на ваквите проекти.
„Приватни компании одредуваат што е добро а што е лошо и грубо ја ограничуваат слободата на говорот. Законот треба да биде скинат и никакви амандмани не можат да го поправат“, вели Џими Шулц, дигитален експерт на германската Партија на слободните демократи.
Како дојде до ваква ситуација? Така што номинално либералните западни власти, уплашени дека ќе бидат обвинети за цензура и ограничување на слободата, решија да ја аутсорсираат функцијата на цензор. Затоа во Германија денес таквите приватни компании се одговорни да го чистат непосакуваниот материја, без никој министер да извалка раце околу тоа.
Слични желби има и во други земји на ЕУ но да се очекува од компанија која управува со платформа да го филтрира огромниот материјал кој милиони корисници секојдневно го оставаат таму е практично залудно. И сигурно е дека покрај сувото, ќе изгори и многу сирово.