Вајс во повеќе наврати блокирал вести за кои менаџментот проценил дека можат да ја навредат саудиската влада, оставајќи ги своите новинари збунети дали сè уште можат слободно да известуваат за случувањата во таа земја, особено за кршењето на човековите права.
Медиумската компанија неодамна потпиша лукративен договор за партнерство со МБЦ Груп, медиумска компанија контролирана од саудиската влада. Од 29-те работни места моментално огласени на Вајс, 20 се со седиште во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Се работи за големи пари, штом газдите и високите нивоа во одделот за вести потегнале по цензура.
Фриленсерот Џон Лубок сподели дека добил задача да пишува за кампањите на Саудиска Арабија против нивните транс-родови лица кои се во странство. На уредниците им се допаднал текстот но подоцна неговото објавување постојано било одложувано за конечно да биде откажано. Неколку извори во Вајс потврдиле дека таквата одлука дошла „од горе“, за да не се навредат Саудијците.
Во друг скорешен пример, филм на Вајс за саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман бил симнат од интернет, наводно заради загриженост за безбедноста на луѓето на Вајс во Саудиска Арабија.
Пред пет години компанијата ја паузираше својата работа во Саудиска Арабија по убиството на новинарот Џамал Кашоги изведено во режија на државата.
Вајс кој некогаш вредеше 6 милијарди но прифати да биде купен за 225 милиони долари, сега не само што не се повлекува туку брзо се шири во Саудиска Арабија, постепено преоѓајќи од политички кон „живот и забава“ содржини.
Снисходливоста на управата на Вајс кон новите богати спонзори е видлива уште од нивната канцеларија во Лондон, каде централно место со години имала голема фотографија од меморијалниот протест во чест на Сара Еверард (33 годишна жена од јужен Лондон која ја сопрел полицаец, ѝ ставил лисици, ја однел да ја силува, па да ја задави и на крај запали).
Денес на тоа место во канцеларијата виси голема мапа на Саудиска Арабија.
*************
Едно гледиште на колапсот на Вајс