Во текстот за Колумбија журнализам ривју, Данкан Вотс и Дејвид Ротшилд пишуваат: „Вознемирени од овие закани на нивната легитимност, и засилени од изборот на претседател непријателски настроен кон самото нивно постоење, меинстрим медиумите решително ја нагрнаа наметката на чувари на вистината.“
Меѓу промените што двајцата автори ги забележуваат од тогаш е дека сега е многу поверојатно новинарите да го прозиваат претседателот за лажни едначења, или во насловите на текстовите експлицитно да бидат наведени лагите наместо тоа да се остави за во текстот. Во исто време новинарите сериозно ги заострија критиките за технолошките компании, посебно Фејсбук, посочувајќи ги сите можни начини на кои алгоритмите помогнале во споделување дезинформации.
„Ние се согласуваме дека лажните вести и дезинформациите се реални проблеми кои заслужуваат сериозно внимание. Ние исто така се согласуваме дека социјалните медиумите и останатите он-лајн технологии придонесоа кон длабоко вкоренетите проблеми на демократскиот дискурс како растечката поларизација и ерозијата на поддршка за традиционалните извори на власт.
Без разлика, ние веруваме дека обемот на известување за лажните вести и за улогата на технолошките компании во ширење на овие лаги е далеку поголемо од нивното веројатно влијание на исходот на изборите и го одвлекува вниманието од вината на самите меинстрим медиуми,“ објаснуваат двајцата автори.
Прво што сакаат да расчистат е дека „постојано повторуваните бројки на лажни вести не се така големи во споредба со обемот на информации на кои се изложени онлајн корисниците“. Њујорк тајмс објавува дека Фејсбук идентификувал над 3000 реклами купени од лажни профили поврзани со руски извори, за кои е платено 100.000 долари. Наспроти овие 100.000 долари се приходите на Фејсбук во 2016 од 96 милиони долари на ден.
„Сè на сè, на рекламите за лажни вести отпаѓа нешто помалку од 0,1% од 1-дневниот приход на Фејсбук од рекламирање.
Извештајот на Базфид кој доби големо внимание тврди дека топ 20-те лажни вести на Фејсбук ’генерирале 8.711.000 споделувања, реакции и коментари’ од 1-ви август до денот на изборите. Пак, ова звучи како огромна бројка се додека не ја ставиш во перспектива: Фејсбук во 2016 во просек имаше над 1,5 милијарди активни корисници месечно. Ако секој од нив имал само по една активност на ден (што е потценување), тогаш за време на овие 100 дена пред изборите, на 20-те стории од истражувањето на Базфид отпаднале само 0,006% од активностите на корисниците,“ се објаснува во текстот за Колумбија журнализам ривју.
Слична е ситуацијата и со некои подоцнежни пребројувања. Во октомври годинава Њујорк тајмс објавува дека постовите на „руски агенти“ на Фејсбук стигнале до 126 милиони корисници, дека објавиле 131 илјада пораки на Твитер и над 1.000 видеа на Јутјуб. Во истиот текст, Њујорк тајмс признава дека за истиот период Фејсбук корисниците биле изложени на 11.000 милијарди постови, или 87 илјади постови на секој лажен пост, додека твитовите поврзани со руското мешање претставуваат помалку од 0,75% од сите твитови поврзани со изборите. На Јутјуб лажните руски видеа собираат вкупно 309.000 прегледувања, споредено со просекот на Јутјуб од 5 милијарди прегледани видеа на ден.
Освен што бројките не се во нивна корист, главна слабост на лажните вести е што нивниот досег на влијание почнува и завршува кај гласачите кои веќе имаат донесено цврста одлука дека ќе гласаат за Трамп, а тоа се истите оние што веруваат во гласините дека Хилари Клинтон раководи со педофилска организација со седиште во пицерија во Вашингтон. Во оваа измишљотина веруваа речиси 50% од анкетираните симпатизери на победникот на американските претседателски избори.
Авторите наведуваат еден многу подолг и подетален извештај што зема предвид повеќе разумни метрики, кој покажува дека „медиумскиот екосистем останува доминиран од конвенционални (претежно леви до централни) извори како Вашингтон пост, Њујорк тајмс, Хафингтон пост, Сиенен и Политико.
Во анализа на вестите објавени од меинстрим медиумите за време на изборите, истражувачите ги пребројуваат речениците што се поврзани со Хилари или со Трамп, и потоа како подфолдери ги делат дали тие се во врска со некој скандал или со некоја предложена политика на еден од овие двајца. Резултатите се дека меинстрим медиумите имале четири пати повеќе реченици поврзани со Хилари кои ги споменуваат нејзините скандали отколку реченици што ги споменуваат нејзините политики. Во исто време за Трамп, со сите скандали што го следеа и нивното сериско производство на дневно ниво, било 1,5 пати поверојатно да е спомнат за некоја негова политика отколку за скандал.
Само за скандалот со мејлови на Хилари, биле напишани повеќе реченици отколку за сите скандали на Трамп заедно (65.000 наспроти 40.000), и два пати повеќе отколку што било напишано за сите нејзини политички ветувања.
„Овие бројки покажуваат дека ставовите на гласачите кон Хилари повеќе биле под влијание на меинстрим новинските извори отколку од лажните вести,“ порачуваат двајцата автори.
Она што може да се заклучи од деталните анализи на меинстрим медиумите е дека во предизборниот период се случува „опсежен неуспех на меинстрим новинарството“ да ги информираат гласачите за реалните прашања и проблеми околу двата кандидати.
„Во ретроспектива станува јасно дека печатот општо направи грешка и претпостави дека победата на Хилари е неизбежна, па веќе почна да се мести себе си на позицијата на кредибилен критичар на следната администрација.
Веројатно оваа грешка дојде од неуспехот на новинарите да излезат од својот ’херметички балон’. Веројатно ова беше заради нивната погрешна интерпретација на достапните податоци од анкетите, кои цело време покажуваа дека победата на Трамп, иако не е неверојатна, е далеку од незамислива.
Ова се разбирливи грешки, но сепак се грешки. Меѓутоа наместо да го признаат влијанието што неуспехот на нивната колективна фантазија можела да го има врз изборниот исход, меинстрим новинарите го фокусираа своето критичко внимание насекаде освен на себе: руски хакери, технолошки компании, алгоритми, алт-десница, па дури и американската јавност,“ пишуваат Вотс и Ротшилд.