Трите медиуми столбови на меинстрим новинарството, етиката и општо пристојноста на интернет, инстантно ги погазија сите стандарди во кои се колнат цело време во моментот кога се дозна дека Елон Маск е најголем акционер на Твитер, што за некој ден беше надополнето со информација дека основачот на Тесла сака да го купи Твитер.
Вашингтон пост и дава простор на Елен К. Пао, поранешната ЦЕО на Редит, за да истури за сè што и лежело на душа за Маск. Тоа што и пречи на Пао е што Маск „ја користел платформата на грд начин“ а сега ќе добие шанса за да ги оформува политиките на заедницата, и дека за тие што се грижат за рамноправност и одговорност, тоа што Маск добил таква проминента улога на платформата „е крајно загрижувачко - па дури и шамар во лице“.
Најпроблематично за Пао е што Маск претпочита Твитер помалку да ја ограничува слободата на говор. Таа ја споменува и несреќната епизода на Маск кога обвини еден британски нуркач отиден на спасувачка мисија во Тајланд дека бил педофил.
Несвесна дека во текстот го прави истото, Пао го опоменува Маск за неговата навика да го прозива Твитер за праксите на социјалната мрежа и за одлуките што ги носи.
„Маск се нарекува себе си ’апсолутист на слободниот говор’ но како и многу поборници за ’слободен говор’, тој свесно игнорира дека приватните компании се слободни да постават одредени граници на своите платформи,“ порачува Пао.
Атлантик го прогласува Макс за „Циркузант крал“ на кого му доделува титула „кењатодер“ (кењатор + милијардер) кој е „невообичаен извор на инфантилни шеги, чие незамисливо богатство овозможува тој да ги исполни дури и своите најапсурдни планови“.
Рендајќи ја кариерата на Маск („на сила влезе во Тесла“, „произведува помалку возила од Форд“) Иан Богост во текстот на Атлантик потсетува дека Маск пред некое време одлучи дека титулата ЦЕО е глупа и се прогласи себе за „Технокрал“, и на неговото тврдење (твит) дека порано бил вонземјанин.
„И кењатори и лажговци се обидуваат нешто да протнат. Ама за разлика од лажговци, кои демонстрираат свесност и загриженост за вистината со цел да ја избегнат, Хари Франкфурт, тврди дека на кењаторите едноставно не им е гајле за вистината. Наместо тоа, тие се стремат да ја постигнат својата цел, без разлика која е таа...
...Најголемиот дел од кењаторите не успеваат да го затворат јазот меѓу претпоставеното и реалноста дури и да сакаат. Срањето некогаш значеше нешто што не е ни точно ни лажно. Сега опишува состојба во која што било, без разлика колку е тоа апсурдно, има потенцијал да биде точно. И сето ова не е важно - освен кога е,“ пишува Богост.
Поранешниот министер за труд на САД и професор на Беркли, Роберт Рајх, во Гардијан споредбата ја почнува со тоа како Русите биле изолирани од информации за војната во Украина бидејќи Путин им го ускратил пристапот до информации.
Рајх го споменува и Трамп кој „само два дена по нападот на Капитол, испровоциран, делумно од неговите твитови“ беше протеран од сите социјални мрежи, што според него беше неопходно за да се заштити американската демократија.
„Меѓутоа Маск не беше задоволен. Маск твитна дека американските технолошки компании не треба да делуваат како ’де факто арбитар за слободниот говор’,“ пишува Рајх, кој во текстот се жали и дека Маск го има блокирано на Твитер.
Тој објаснува и зошто Маск одбил да биде во бордот на Твитер, бидејќи со седнувањето таму Маск ќе мора да вети дека нема да купи повеќе од 14,9% од акциите на Твитер. Сега кога не е во бордот може да купи колку сака акции.
„Дали Маск ќе го искористи своето влијание врз Твитер за да спречи корисници со десетици милиони следбеници да ги блокираат луѓето што го критикуваат? Се сомневам.
Дали Маск ќе го искористи своето влијание врз Твитер за да го врати Трамп? Се плашам дека да,“ проценува професорот.
Наведувајќи дека Маск долго време ја промовира „либертаријанската визија за ’неконтролиран’ интернет,“ Рајх пишува дека таа визија е „опасно ѓубре, нема такво нешто и никогаш нема да има’.
Проблемот на Рајх е и тоа што целта на Маск е да го направи луѓето уште помалку да одговараат за своите постапки на интернет.
„Бидете сигурни: тука не се работи за слобода. Се работи за моќ,“ порачува Рајх, кој до крајот на текстот успева барем уште еднаш да го спомне името на Маск во ист ред со Трамп и Путин.