Во моменти на природни катастрофи знаат или да зајакнат или да испукаат браните кои го држат едно општество во цивилизиран поредок. Моменталната ситуација во Србија е токму таква прилика, кога истовремено се преплетуваат и импозантни напори за солидарност но и елементи на хаос и безумие.
Долгогодишното кукање околу состојбата во кое се наоѓа српското новинарство се покажа оправдано ако се погледне како известуваа државните и пара државните медиуми за несреќата која ѝ се случи на земјата, пишува Милица Јовановиќ за Пешчаник.
"Во најкритичните моменти, кога токму информациите се она што луѓето може да ги турне или кон соработка или кон масовна хистерија, едвај неколку новинари и уредници успеаа не само да постават смислено прашање туку и да најдат лице кое на такво прашање може да даде смислен одговор."
Внимателните читатели сведочеа како најтиражните српски таблоиди објавуваа слики од минатогодишните поплави, од места кои годинава останаа на суво, како објавуваа "ексклузивни" вести и фотки собрани од социјални мрежи без да ги проверат, како се ширеа трачеви за лешеви кои пливаат наоколу, за загадена вода во Белград, за каменуван фурнаџија кој ги дигнал цените на лебот, за наводни хулигани од Белград кои дивееле по Шабац и барале смена на локалната власт....
"Веќе нема смисла да се поставуваат прашања за селските канали од кои багерите деновиве вадеа фрлена бела техника, бесмислено е да се прашува за снимките од метеоролошките сателити од кои беше јасно дека врз Србија ќе се истури огромна количина дожд. Бомбастичните наслови на таблоидите од пред само еден месец - со закани дека некој ќе оди затвор заради (тогашните) штети, се само јалово сведоштво за уште една пропуштена прилика. Сега е само страшно," пишува Јовановиќ.
Во моменти на медиумски провоцирано безумие слабее способноста за разумно мислење, доаѓа до ситуација и нормални луѓе да се фатат за врат, а на сцена стапуваат досетливи трговци, "салонски критичари" со свои забелешки за организацијата и приоритетите за спасување и партиски активисти кои го користат моментот да се пресметаат со локалните политички противници.
Според неа, тонот и атмосферата околу непогодата битно ја влошил самиот премиер Александар Вучиќ кој пред камерите дрско и авторитарно им издаваше бесмислени команди (Седи! Тишина! Доцниш!) на најблиските соработници и челниците на службите од кои населението очекува спас. Но виновни се и самите тие бидејќи се сведоа на послушни фаќачи на белешки и не се најде никој кој на премиерот ќе му издаде професионална и одговорна команда да замолчи.
"Вучиќ глумеше главен командант на оружените сили, врвен експерт за хидроградба, евакуација, за локалните комунални мрежи, меѓународни односи, државни залихи, кризен менаџмент, итни служби и сè останато. Тоа не само што поттикна паника меѓу луѓето туку истовремено и ги попречуваше стручните служби да си ја вршат работата," вели Јовановиќ.
Водата еден ден ќе се повлече и сигурно е дека во Србија ќе остане голема штета. Но, останува надежта дека овојпат од несреќата ќе се извлече и некоја поука, дека луѓето не ги поврзуваат фантазиите туку реалните животни интереси, за кои стануваа свесни, за жал, само во трагични денови.